Линкови за пристапност

Клинтон се обидува да го подобри имиџот


Воочи дебатата на демократите во вторник, влогот е голем за сите, а особено за Хилари Клинтон и за Берни Сандерс.

Петтемина кандидати за претседателската номинација од редовите на Демократската партија ќе имаат можност да си ги одмерат силите за време на првата дебата што наредниот вторник ќе се одржи во Лас Вегас. Влогот е голем за сите, но особено за фаворитката Хилари Клинтон и нејзиниот главен ривал, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс.

Сандерс има се` поголема поддршка од либералните демократи, кои се чини дека се подготвени за алтернатива на поранешната државна секретарка. Во меѓувреме и натаму е актуелна шпекулацијата околу можноста во трката за Белата куќа да се придружи и потпретседателот Џо Бајден. Тој дури бил поканет да учествува во дебатата, но одбил.

Клинтон е во мисија да го поправи својот имиџ, погоден по контроверзата дека ја користела службената електронска адреса за службена преписка додека била на функцијата државна секретарка. Некои ја критикуваат дека во настапите премногу се контролира и дека изгледа неавтентично.

Затоа во Манчестер, Њу Хемшир, во понеделникот таа упати остар повик за дополнителни мерки во контролата во вооружувањето, по минатонеделниот инцидент во колеџ во Орегон кога беа убиени девет лица.

Изминативе недели Клинтон се обиде подиректно да ги подобри проблемите со нарушениот имиџ. Таа се извини дека ја користела приватната адреса, а во саботата се пошегува на сопствена сметка, гостувајќи во популарната сатирична емисија, „Во сабота навечер, во живо“.

Клинтон објави и нова реклама во рамки на нејзината кампања посветена на минатонеделниот коментар на лидерот на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, дека истрагата на специјалната комисија во Претставничкиот дом за терористичките напади во Бенгази, Либија во 2012-та година, е причината за опаѓање на нејзиниот рејтинг. Мекарти подоцна го повлече коментарот и изрази жалење, но неговата изјава остана во спотот на Клинтон. Таа ќе сведочи за случајот Бенгази пред комисијата на 22-ри октомври.

Најновите испитувања на јавното мислење покажуваат дека многумина демократи би биле отворени за кандидатурата на потпретседателот Бајден. „Многумина демократи се вознемирени за Клинтон заради контроверзата со електронската пошта што подгрева некои стари поплаки за нејзината политика, што пак прави да бидат мета на републиканците и медиумите“, вели аналитичарот Норм Орнстеин од Институтот Американ Ентерпрајс.

Претстојната дебата може да понуди можност за Клинтон да ја намали таа загриженост кај некои демократи заради падот на нејзиниот рејтинг. Џон Фортиер од Центарот за двопартиска политика во Вашингтон, вели дека можеби не се работи за комплетно незадоволство од работата на Хилари Клинтон, но едноставно не сакаат да и` дадат комплетна доверба, без да дадат шанса на друг во трката.

Берни Сандерс има исто така голема шанса за време на дебатата во вторник дополнително да ја прошири пораката за нееднаквост во примањата. Сандерс за време на обраќањето во Бостон минатиот викенд привлече голема публика, а воедно го привлече и вниманието на конзервативните гласачи, како студентите од Универзитетот Либерти во Вирџинија. „Живееме, како што знаете, во најбогатата земја во светската историја“, рече тој. „Но, повеќето Американци не го знаат тоа затоа што речиси сето богатство и приходи одат кај тој еден процент“.

Бајден се очекува наскоро да каже дали ќе се кандидира. Доколку се реши да влезе во трката, експертите предвидуваат интересен развој. Бајден се двоуми заради неодамнешната смрт на неговиот син Бо.

Останатите тројца демократи-учесници во дебатата наредната недела се поранешниот гувернер на Мериленд, Мартин О`Мали, поранешниот сенатор од Вирџинија, Џим Веб и поранешниот гувернер на Роуд Ајланд, Линколн Чафи. Следната републиканска дебата е закажана за 28-ми октомври.

XS
SM
MD
LG