Од Службата за деминирање на ОН (УММАС) проценуваат дека ќе бидат потребни најмалку 10 години за да се исчистат мините во градот Мосул кој беше главно упориште на Исламската држава во Ирак.
Едногодишната битка на ирачките сили за истиснување на милитантите на Исламската држава од Мосул го остави градот во урнатини. Околу 800.000 лица ја напуштија областа.
Повеќето од нив би сакале да се вратат во своите домови, но од Службата за деминирање на ОН велат дека стариот дел на Мосул е целосно срамнет со земја. Освен тоа, во поголем број од зградите се оставени нагазни мини и други експлозивни средства.
Директор на програмата на Службата за деминирање на ОН во Ирак, Пихр Лодхамер за Гласот на Америка кажа дека мините треба да се расчистат пред луѓето да можат безбедно да се вратат дома. Тој вели дека неексплодираните гранати исто така се опасни.
ОН започна со операции на расчистување во есента 2017-та година, кратко време по завршувањето на конфликтот во Мосул. Лодхамер вели дека оттогаш биле отстранети околу 7.6 милиони тони остатоци од експлозивни направи. Минатата година биле уништени 17.000 експлозиви, вклучувајќи 2.000 импровизирани експлозивни направи.
Од Службата за деминирање на ОН соопштија дека расчистувањето на нагазните мини и експлозивните направи во многу области напредува брзо, но имајќи го во предвид бројот на експлозивни средства ризикот останува.
ОН имаат 146 проекти во 19 земји, и буџет од 495 милиони долари. Повеќе од половина од таа сума е наменета за пост -конфликтните зони во Ирак.