Линкови за пристапност

Дебата на потпретседателските кандидати


Во четврток навечер ќе се соочат потпретседателот Џо Бајден и неговиот републикански предизвикувач Пол Рајан

Американската претседателска кампања во четврток навечер достигнува друг важен момент, кога потпретседателот Џо Бајден и неговиот републикански предизвикувач, конгресменот Пол Рајан, се среќаваат на нивната единствена планирана дебата.

Настанот што ќе биде пренесуван на националната телевизија ќе се одржи во мал колеџ во сојузната држава Кентаки, и доаѓа во време кога републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни добива моментум во анкетите со гласачите по неговата доминација на минатонеделната дебата против демократскиот претседател кој се бори за втор мандат, Барак Обама.

Шеесет и деветгодишниот Бајден се смета за искусен дебатирач и вешт политичар, засновано на неговите 36 години во Сенатот пред да стане потпретседател во 2009. Очекувањето е дека тој ќе помогне на кампањата на Обама, чиј настап на првата дебата не беше добро оценет. Но Бајден исто така е познат по гафови и непромислени изјави.

Рајан, 42-годишен конгресмен од Висконсин, се смета за растечка ѕвезда меѓу конзервативните републиканци со неговите идеи за намалување на федералниот дефицит и за оживување владината програма за здравствена заштита на постарите Американци. Но тој има далеку помало искуство на националната сцена во споредба со Бајден. Во Конгресот служел само 14 години.

Во меѓувреме, претседателските кандидати во четврток ќе бидат на кампањската патека. Обама ќе има собир во Флорида, а Ромни ќе мине уште еден ден во Охајо пред да замине за Вирџинија. Овие три држави заедно имаат 60 електорални гласови од вкупно 270, колку што се потребни да се освои Белата куќа на изборите во ноември.
XS
SM
MD
LG