Линкови за пристапност

Трета дебата за републиканците


Десетмината кандидати за претседателска номинација од редовите на Републиканската партија, ќе се сретнат во Булдер, Колорадо.

Според најновите истражувања, фокусот на утрешната дебата, што ќе биде пренесувана на ТВ-мрежата Си-Ен-Би-Си, се очекува да биде на четворицата најдобри републикански кандидати: бизнисменот за недвижности, Доналд Трамп, поранешниот неврохирург, Бен Карсон, сенаторот од Флорида, Марко Рубио и поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш.

За време на оваа мошне важна дебата, ќе учествуваат и поранешната бизнисменка, Карли Фиорина, сенаторот од Тексас, Тед Круз, поранешниот гувернер на Арканзас, Мајк Хакаби, гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, гувернерот на Охајо, Џон Касич и сенаторот од Кентаки, Ренд Пол.

За претходно е закажана друга дебата, во која ќе учествуваат четворица кандидати кои не влегоа во првите десет: поранешниот сенатор од Пенсилванија, Рик Санторум, гувернерот на Луизијана, Боби Џиндал, поранешниот гувернер на Њујорк, Џорџ Патаки и сенаторот од Јужна Каролина, Линдзи Греам. Поранешниот гувернер на Вирџинија, Џим Гилмор, не се квалификуваше за овој настап, поради тоа што поддршката меѓу анкетираните изнесувала помалку од еден процент.

Бројот на републикански кандидати за претседателска номинација е многу поголем од оној кај демократите, каде останаа само тројца: поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс и поранешниот гувернер на Мериленд, Мартин О' Мали. Двајца од демократите излегоа од трката минатата недела: поранешниот сенатор на Вирџинија, Џим Веб и поранешниот гувернер на Род Ајланд, Линколн Чафи.

Подпретседателот Џо Бајден се откажа од претседателската трка, давајќи и` шанса на Хилари Клинтон да ја осигура својата лидерска позиција кај демократите. Клинтон воедно си помогна себеси со самоуверениот настап на распитот пред Специјалната конгресна комисија, посветен на нападот во Бенгази, и концизните одговори за време на минатонеделната дебата на демократите.

Во трката на републиканците, Трамп деновиве ги интензивираше „нападите“ врз Карсон. Карсон, пак, во последните три анкети води пред Трамп со помош на гласачите од Ајова и е на второ место на неколку гласачки места.

Според истражувањата на Блумберг, 84 проценти од анкетираните републиканци од Ајова, го фаворизираат Карсон.

Анкетите на Асошиатед прес, пак, покажуваат дека Трамп е на лидерската, додека Карсон е на шестата позиција. Шеесет проценти се изјасниле дека можно е да победи Џеб Буш, додека 54 проценти го велат истото за Марко Рубио.

XS
SM
MD
LG