Поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг беше цел на напади за време на вчерашната демократска претседателска дебата во Невада.
Сенаторот Берни Сандерс од Вермонт и сенаторката Ејми Клобучар од Минесота, на самиот почеток на дебатата, го обвинија дека се обидува да ја купи демократската номинација, трошејќи речиси 400 милиони долари негови пари за национални политички реклами.
Клобучар истакна дека не верува оти американските граѓани гледаат во претседателот Доналд Трамп, велејќи дека треба да изберат некој побогат од него, како Блумберг, кој е дванаесетиот најбогат човек на светот.
Блумберг одговори на нападите, потенцирајќи дека не го наследил богатството, туку сам го стекнал преку финасисрање и водење на неговиот бизнис.
„Сега ги трошам тие пари за да се ослободиме од Доналд Трамп, најлошиот претседател што државата некогаш го имала“, рече Блумберг.
Сандерс, кој води на националните анкети и го освои мнозинството гласови на прелиминарните избори во Ајова и Њу Хемпшир, рече дека тој успеал да покрене најголема излезност на гласачите, со цел да го победи Трамп на генералните избори во ноември.
Блумберг, пак, рече дека не е прифатливо Сандерс да биде противкандидат на Трамп на изборите во ноември, делумно поради неговиот план за здравствена заштита, кој би можел да го елиминира приватното здравствено осигурување на 160 милиони Американци.
„Ако Сандерс е демократски кандидат, ќе го имаме Доналд Трамп уште четири години“, рече Блумберг.
Блумберг беше нападнат и за неговите политики како градоначалник на Њујорк за намалување на криминалот, таргетирајќи ги главно афроамериканската и латиноамериканската заедница.
Поранешниот потпретседател Џо Бајден рече дека администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама се спротивставила на таквата политика на омраза, за разлика од Блумберг, кој ја поддржувал и бранел.
Тој истакна дека е најискусен политичар да го победи Трамп на изборите.
Сенаторката од Масачусетс Елизабет Ворен, пак, го предизвика Блумберг со наводите за сексистички и дискриминирачки коментари низ годините кон жени вработени во неговата компанија, барајќи тие да излезат и да ја кажат нивната страна од приказната. Блумберг го одби тоа, велејќи дека и самите жени сакале тоа да остане тајна.
Поранешниот градоначалник од Индијана Пит Бутиџеџ, изрази разочарување поради можноста по гласањето во 14 сојузни држави, Сандерс и Блумберг да останат двајца можни кандидати.
Бутиџеџ, исто така, ја нападна и сенаторката од Минесота Ејми Клобучар, оти не го знаела името на претседателот на Мексико во интервју оваа недела.
Трамп ја коментираше дебатата на Твитер, фокусирајќи се на Блумберг.
„Перформансот на минијатурниот Мајк Блумберг најверојатно беше најлош во историјата на дебатите, а имало навистина многу лоши. Ако ова не го исфрли од трката, ништо нема“, напиша Трамп.
Демократските кандидати се соочуваат со етнички различен состав во Невада, каде 29 отсто од граѓаните се Латиноамериканци, десет проценти Афроамериканци и десет проценти Азијати.
Facebook Forum