Светскиот економски форум денеска беше отворен во Швајцарија, во услови кога расте загриженоста поради трговските спорови, Брегзит и намалувањето на растот. Некои стравуваат дека сето ова негативно ќе влијае врз светската економија.
Околу 3000 бизнисмени, владини претставници и граѓани деновиве се собрани на средбата во швајцарскиот град Давос.
Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум, вели дека јакнењето на глобалната соработка е суштинско за светската економија, која бавно и нерамномерно закрепнува по глобалната финансиска криза од 2008 година.
Светскиот економски форум во Извештајот за глобални ризици предупредува на претстоен економски пад, меѓу другото и поради геополитичките тензии помеѓу големите сили.
Неколку светски лидери не присуствуваат на форумот, меѓу нив и американскиот претседател Доналд Трамп кој се соочува со најдолгото делумно владино затворање во историјата на САД. Но, државниот секретар Мајк Помпео се обрати преку видео конференција, при што акцентот го стави на трговскиот спор со Кина.
Помпео нагласи дека соработката помеѓу двете земји може да функционира само се исполнат одредени услови.
Отсутна е и британската премиерка Тереза Меј, која го преживеа гласањето на доверба откако ѝ беше одбиен нацрт договорот за Брегзит.
И додека економскиот раст се намалува, хуманитарната организација Оксфам ја предупреди елитата во Давос дека не се намалува нееднаквоста во приходите ширум светот.
Facebook Forum