Линкови за пристапност

Данска го усвои законот за запирање на палењето на Куранот


Данскиот парламент во четвртокот го усвои предлог-законот со кој се прави незаконски палењето на Куранот на јавни места, откако протестите во муслиманските нации поради сквернавењето на светата книга на исламот ги зголемија данските безбедносни грижи.

Данска и Шведска оваа година доживеаја серија јавни протести каде што антиисламските активисти запалија или на друг начин оштетија копии на Куранот, што предизвика тензии со муслиманите и поттикна барања нордиските влади да ја забранат оваа практика.

Данска се обиде да постигне рамнотежа помеѓу уставно заштитената слобода на говор, вклучително и правото на критикување на религијата, и националната безбедност поради стравувањата дека палењето на Куранот ќе предизвика напади од исламистите.

Домашните критичари во Шведска и Данска тврдат дека какви било ограничувања за критикување на религијата, вклучително и со палење на Куранот, ги поткопува тешко борените либерални слободи во регионот.

„Историјата ќе нè осуди строго поради ова, и со добра причина... Она на што се сведува е дали ограничувањето на слободата на говор е определено од нас или тоа е диктирана однадвор“, рече Ингер Стојберг, лидер на антиимиграциската партија Данска Демократи, кои се спротивставија на забраната.

Центристичката коалициска влада на Данска тврди дека новите правила ќе имаат само маргинално влијание врз слободата на говорот и дека критикувањето на религијата на други начини останува легално.

Прекршувањето на новиот закон ќе биде казниво со парични казни или до две години затвор, соопшти владата.

Шведска, исто така, разгледува начини за легално ограничување на сквернавењето на Куранот, но има поинаков пристап од Данска. Се разгледува дали полицијата треба да ја земе предвид националната безбедност при одлучувањето за апликациите за јавни протести.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG