Апсолутно верувам дека за дел од недовербата кон судството одговорни сме и самите ние, но сметам дека во голема мера за истото придонесоа и последните измени на Кривичниот законик.
Тоа е дел од ставовите што Даниела Димовска, судијка од одделението за гонење на организиран криминал и корупција, при Основниот кривичен суд од Скопје, ги истакна во разговор за Гласот на Америка.
Со Димовска разговаравме и за состојбата во затворите, како и за потребата од поголема примена на пробацијата, како мерка за успешно превоспитување и враќање на осудениците кон општеството.
Во продолжение, разговорот до судијката Димовска:
Глас на Америка: Бевте дел од тимот што го анализираше Законот за извршување на санкциите. Кои се најголемите слабости што ги забележавте, а кои треба итно да се менуваат?
Изминативе неколку години беа исклучително предизвикувачки за целокупниот правосуден систем, вклучувајќи го и извршувањето на санкциите. Некако за првпат да се сретнавме со затворски туризам, со начинот на кој ќе се префрлаат осудените од притвор во затвор. Имавме неколку смртни случаи на затвореници.
Имаме огромен број затвореници коишто повторно се судираат со законот - казнено поправните установи не се во ред
Така, сето тоа беше поттик на колегите, со кои во тој период бевме судии за извршување на санкциите, да направиме една кратка анализа. Но, да дадеме и препораки за новото законско решение. Новото законско решение е веќе донесено и за среќа дел од нашите забелешки веќе се вклучени во тој нов закон, а дел од нив сè уште не се.
Глас на Америка: Во анализата се наведува дека казната затвор, и покрај тоа што е скапа за целото општество, не ги дава очекуваните ефекти. Зошто се случува тоа?
Навистина, бројките покажуваат дека имаме огромен број затвореници коишто повторно се судираат со законот. Тоа нешто укажува дека казнено поправните установи нешто кај нас не се во ред. Казната има повеќе цели и тоа не е само да му се нанесе целно зло на сторителот, односно не е само одмаздата за тоа што го има направено, туку има и еден друг вид на социјална компонента при казнувањето.
Има две работи, две цели, што треба да ги постигнеме. Со казнувањето треба да ги одвратиме останатите сторители од сторување на исто казнено дело, односно да знаат дека можат да бидат казнети, но мора да влијаеме и воспитно кај затворениците.
Во затворските установи речиси и да нема работен ангажман од страна на затворениците
Кај нас во затворите наидуваме на два главни проблема. Тоа е, многу малиот број воспитувачи, социјални работници, кои треба да работат за таа затворска популација и коишто ќе имаат за цел превоспитување.
Вториот главен проблем е тоа што во затворските установи речиси и да нема работен ангажман од страна на затворениците. Трудот како да не постои како метод или начин за преобразба на луѓето, на затворениците. Така, сметам дека и реформите во иднина треба да одат токму во тие два правци.
Глас на Америка: Чести се и критиките дека третманот кон жените и децата во казнените установи не е соодветен. Какви се вашите насоки за сето ова да се надмине?
Во моментов имаме 80 затворенички коишто издржуваат казна затвор во единствениот женски затвор во рамките на затворот „Идризово“. Од нив една издржува доживотна казна затвор.
Имаме 25 малолетни лица кои што издржуваат воспитно поправна мерка во воспитно поправната установа во Тетово и имаме три малолетни лица кои издржуваат казна затвор во затворот во Охрид.
Не добиваат соодветен третман, најчесто заради многубројноста на затвореничката популација.
Глас на Америка: Во дел од истражувањето наведувате дека кај притворениците и затворениците владее недоверба спрема судската власт. Кои се причините?
Навистина е така. Ние како судии за извршување на санкции во тој период, имавме силен мотив да можеме да ги промениме дел од работите и многу често бевме во посета на тие затворски установи.
При наши посети во затворите, затворениците не кажуваа за проблемите
Нас нè загрижуваше тоа што кога ние ќе ги направевме посетите, затворениците немаат ниту една поплака. Туку напротив, имаат само пофални зборови за целата управа, за условите, за здравствената заштита. Буквално, тие кажуваат дека немаат ниту еден проблем, а ние одевме токму со таа намера.
Нас како судство нè загрижуваше тоа што секоја година извештаите што доаѓаат од Eвропската комисија за напредокот велат дека ние како да тапкаме во место кога станува збор за затворските установи.
Истите осуденици, пак, кога ќе имаше невладини организации, даваат поразлични анкети, поразлично се изјаснуваа од тогаш кога ќе одевме ние. Како дел од судството, тие како да има недоверба и секогаш кажуваат најпофални зборови. Немаше воопшто ниту една поплака.
Глас на Америка: Дали можеби постои страв од управата во затворите?
Не, не верувам дека е тоа страв од управата од затворите. Туку, едноставно, нас како да нè доживуваат како продолжена рака на целиот систем и да имаат недоверба и спрема нас дури и кога имаат некои поплаки.
Глас на Америка: Ваше поле на специјалност е пробацијата, односно, извршување казна без лишување од слобода. Какви се бенефитите од оваа мерка кон осудениците и кон казнениот систем?
Загрижувачки е тоа што последните податоци на Евростат покажуваат дека ние имаме околу 113 затвореници на 100.000 жители. Додека, Холандија, за споредба има само 54 затвореници, на толкав број жители.
Секој ден во затвор, за еден затвореник, државата ја чини околу 1000 денари, пробацијата е 2 до 5 евра
Нашите истражувања покажуваат дека секој ден во затвор, за еден затвореник, државата ја чини околу 1 000 денари. Ако направиме пресметка дека пробацијата е многу поевтина, односно од 2 до 5 евра, тогаш апсолутно треба да бидеме почесто за пробација.
Меѓутоа, кога е пробацијата во прашање, ние ќе мораме да увериме јавноста дека тоа е навистина добра работа, дека на тој начин заштедуваме голем дел од средствата од буџетот, а за возврат добиваме корисни граѓани коишто повторно се враќаат во општеството и можат да придонесат за истото.
Кога е пробација во прашање, навистина се поставува еден предизвик за нас. Мораме да го најдеме балансот помеѓу функционирањето на овој третман и безбедноста на граѓаните.
Глас на Америка: Кои се вашите согледувања за корупцијата, која е дамка на македонското општество? Може ли да се избори македонското судство со корупцијата?
„Апсолутно да. Во изминативе неколку месеци, ние навистина имаме постапки коишто завршија многу брзо и ефикасно. Даваат надеж дека можеме да се избориме со корупцијата.
Глас на Америка: Довербата во судството и целокупниот правосуден систем е исклучително ниска. Што се случува, зошто падна довербата?
Предмети за коишто се очекуваше исход, остареа заради измените на Кривичниот законик што ги донесе законодавецот, а не судската власт
Навистина е загрижувачки. Во изминативе неколку години имавме многу кампањи, проветрувања, билборди и слично. Како единствениот ефект што се постигнаа од тоа е што, како однесено од виорот, замина довербата на граѓаните.
Општеството некако повеќе нема почит кон судската власт. Како да се навикнаа дека судството не е битно. Апсолутно верувам дека за дел од тоа сме и самите ние одговорни, но сметам дека во голема мера за истото придонесоа и последните измени на Кривичниот законик.
Измените во Кривичниот законик ја урнаа довербата
Во таа ситуација многу предмети за коишто јавноста го очекуваше исходот, остареа. Така, ако од една страна имаме илјадници успешни предмети коишто сме ги завршиле, сето тоа падна во сенка со неколку предмети коишто остареа заради измените на Кривичниот законик кои што ги донесе законодавецот, а не судската власт.
Глас на Америка: Што предлагате, како судството повторно да ја стекне довербата кај граѓаните?
Тоа е навистина долготрајна борба за којашто треба да имаме одлучност и да знаеме точно каде целиме. Прашањето за независно судство и за ефикасен правосуден систем не е загарантирано, туку станува збор за прашање на општествен договор.
На плеќите на јавните обвинители и на судиите е ставен товарот да покажат дека никој не е над законот
Ако сите чинители сме сложни дека навистина треба државата да оди напред, бидејќи не можат да одат останатите сектори напред, ако ние имаме лошо владеење на правото, тогаш е многу едноставно. На плеќите на јавните обвинители и на судиите е ставен товарот да покажат дека никој не е над законот. Само на тој начин единствено ќе можеме да ја вратиме довербата на граѓаните.
Глас на Америка: Видовме случаи на судии кои што земале мито. Колку тоа може да се искорени?
За жал, тоа не смее да фрли сенка на поголемиот дел од судството. Ве уверувам дека имаме исклучително стручни и професионални судии кои што завршуваат илјадници предмети годишно.
Ако граѓаните не веруваат во нас нема да имаме толку зголемен број на судски предмети. Тоа е знак дека сепак и покрај лошите анкети, луѓето сè уште веруваат во судството.
Глас на Америка: Видовме низа превирања во Судскиот совет. Премиерот, пак, во неколку наврати изрази став за негово укинување. Кој е вашиот став?
Судски совет, без оглед на членовите, начинот и неговата структура, мислам дека единствена нивна задача треба да биде бирање на најдобрите судии во погорните степени. Тоа ќе биде единствениот начин на којшто ќе ги мотивираат добрите судии да работат.
За нас е важно само тоа дека секогаш најквалитетните судии се избираат во високиот суд. Изборот на лоши судии, најбрзо ги расипува добрите судии.
Facebook Forum