Линкови за пристапност

Сервер: Македонија и Македонците нема да исчезнат поради неколку збора на парче хартија


Сервер: Македонија и Македонците нема да исчезнат поради неколку збора на парче хартија
Сервер: Македонија и Македонците нема да исчезнат поради неколку збора на парче хартија

Во македонската јавност е познат по изјавите дека ќе ја нарекува Македонија како што ќе побараат Македонците. Даниел Сервер од Американскиот институт за мир во интервју за нашата редакција потенцира дека Македонија, Македонци и македонски јазик постојат и нема да исчезнат поради неколку збора на парче хартија при евентуален договор во спорот околу името. Тој прави паралела дека и САД многумина ги ословуваат поинаку, но тоа не влијае на идентитетот на земјата:

„Во Уставот е наречена Соединетите Американски Држави, но некои ја нарекуваат Америка, некои Соединетите Држави, некои пак се противат што се нарекува Америка – сето тоа мене не ми значи многу“.

Според истата логика, Сервер на Македонците им препорачува – поголема самодоверба.

„Во мојот начин на размислување, ниту едно парче хартија не одредува дали постои Македонија, дали постојат Македонци, дали постои македонски јазик. Сите тие постојат и нема да исчезнат поради неколку збора на парче хартија. Мислам дека Македонците мора да имаат повеќе самодоверба“.

Потпретседателот на Центарот за иновации во Американскиот институ за мир смета дека се работи за практично прашање:

„Прашањето е – кои прилагодувања треба да се направат за да се задоволат Грците кои – без оглед дали сметате дека е праведно или не – имаат вето во однос на македонскиот влез во НАТО. Значи, тоа е практично прашање, а навистина не идеолошко – што треба да сторам за да влезам во клубот во кој сакам да припаѓам?“

На коментарите да се прекинат преговорите, па дури и да не се бара членство во ЕУ и НАТО, Сервер коментира:

„Тоа е опција и никој не може да ја одземе од Скопје. Важно да се имаат опции, но мора да се размисли дали тоа е најдобриот потег за земјата“..

Сервер ги негира шпекулациите дека е дел од американски тим кој работи на предлог за името што потоа би било доставен до посредникот Нимиц. Смета дека Американците не извршиле доволно притисок врз Атина, но додава дека има причини за тоа, како традиционалното, долгогодишно пријателство со Грција и силното грчко лоби во САД.

Запрашан да го резимира советот до македонска страна, Сервер подвлекува:

„Само смирено. Добро преговарајте. Не провоцирајте реакција што вашиот преговарачки партнер се обидува да ја извлече од вас“.

XS
SM
MD
LG