Линкови за пристапност

Шефот на кабинет на Обама вели САД нема да потфрлат


Шефот на кабинет на Обама вели САД нема да потфрлат
Шефот на кабинет на Обама вели САД нема да потфрлат

Белата куќа и републиканците од Претставничкиот дом во вторникот се судрија околу различните планови за кревање на американскиот должнички лимит една недела пред рокот 2-ри август.

Републиканските лидери во вторникот го одложија гласањето во Претставничкиот дом по нивниот план до доцна во четвртокот откако беше откриено дека предлогот не вклучува ниво на буџетски скратувања како што било ветено.

Тековната неизвесност предизвика американските пазари повторно да паднат во вторникот.

Во меѓувреме, Шефот на кабинет на Белата куќа, Вилијам Деили, вели дека е уверен оти САД нема да потфрлат на исплатата на должничките обврски.

Деили за СиЕнБиСи телевизијата во вторникот кажа дека на маса има многу планови за намалување на долгот и дека сите се загрижени заради приближувањето на рокот 2-ри август. Но, тој рече, на крајот, Конгресот ќе го направи тоа што е исправно.

Конгресот и Белата куќа се, како што кажа претседателот Обама, во опасна пат-позиција во врска со конкурентните планови за длабоко намалување на трошоците со кои истовремено би се зголемил лимитот на задолжувањето до следната недела. Белата куќа вели дека Обама прави се` што може да се постигне компромис, нарекувајќи го тоа единствена опција за избегнување на неможноста да се платат обврските и катаклизмичките ефекти што тоа би ги имало на економијата.

Деили кажа дека е „очигледно“ оти планот на спикерот на Претставничкиот дом Џон Бејнер нема да мине во Сенатот под контрола на демократите. Планот на Бејнер веднаш би го кренал должничкиот лимит за еден трилион долари додека ги намалува трошоците за истата сума.

Обама преферира план од сопартиецот демократ и лидер на сенатското мнозинство Хари Рид, за намалување на трошоците од 2,7 трилиони долари и кревање на должничкиот плафон преку изборите следната година за да се избегне дебата што разединува.

XS
SM
MD
LG