Претседателот на САД Доналд Трамп повика на порестриктивни имиграциони закони, тврдејќи дека нема да има договор за Програмата за одложено пристигнување деца во САД, позната како ДАКА.
„Граничните патроли не можат соодветно да ја извршуваат нивната работа, поради смешните либерални закони“, напиша Трамп на неговиот Твитер профил.
Претседателот рече дека каравани илегални имигранти ја поминуваат границата, обвинувајќи го Мексико дека „прави многу малку, ако не и ништо, за да го запре бранот мигранти во САД“. Трамп се закани и дека ќе го стопира Северноамериканскиот договор за слободна трговија, познат како НАФТА.
„Мексико ќе мора да ни` помогне со границата. Ако не го направи тоа, ќе биде многу тажно за двете држави. Мексико мора да го стори тоа, бидејќи многу луѓе доаѓаат користејќи ја ДАКА. Тие имаа огромна шанса, демократите ја упропастија. Ќе мора да ја разгледаме ситуацијата“, рече Трамп.
ДАКА беше воведена во време на администрацијата на Барак Обама, со која се дозволи на децата, донесени илегално во САД, да останат во државата и легално да студираат и да работат.
Актуелната администрација ја прекина програмата минатиот септември, но, му даде на Конгресот рок од шест месеци да излезе со трајно решение за нејзините корисници.
Трамп на почетокот рече дека би се согласил за заштита на корисниците на ДАКА, ако Конгресот обезбеди средства за изградба на ѕидот на границата со Мексико.
И покрај напорите на демократите, Буџетот на САД од 1.3 трилиони долари, кој минатата недела беше потпишан од Трамп, не ги опфаќа корисниците на ДАКА.
Федералните судии наредија администрацијата на Трамп да остави во сила одредени делови на прогрмата, додека не се решат легалните предизвици во судскиот систем.
Facebook Forum