Линкови за пристапност

Пропаднаа преговорите за Кипар


Последните напори за обединување на островот беа под покровителство на ОН

Преговорите за Кипар кои се одржуваа под покровителство на ОН во Швајцарија, а чија цел беше ставање на крај на поделбата на островот, завршија без договор.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, во петокот изјави: „За жал договорот не беше возможен и конференцијата беше затворена без можност да се постигне решение за овој драматичен и долготраен проблем“.

Меѓу учесниците на конференцијата на ОН за повторно обединување на островот, беа лидерите на кипарските Грци и Турци, како и претставниците на трите држави - Грција, Турција и поранешниот колонијален владетел Велика Британија. Виши претставници од Европската унија исто така беа присутни.

Кипар е поделен од 1974-та година, кога турските трупи ја нападнаа, а подоцна и ја окупираа северната третина од островот, како одговор на востанието инспирирано од Атина, кое бараше обединување на Кипар со Грција.

Турција во северен Кипар има 35.000 војници. Грчката заедница ги смета турските трупи за опасност, и бара тие да го напуштат островот. Кипарските Турци на војниците гледаат како гаранција за нивната безбедност.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, рече дека главниот проблем во преговорите во Швајцарија е инсистирањето на Грција и на кипарските Грци, Турција да ги повлече сите свои војници од островот како и укинување на правото на воена интервенција.

Гутереш кажа дека иако разговорите пропаднале „тоа не значи дека не може да се започне со други иницијативи за решавање на кипарскиот проблем“.

Генералниот секретар додаде: "Улогата на ОН е да биде олеснувач и секогаш останува на страните учеснички да постигнат договор.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG