Постојат големи шанси дека 2015-та ќе биде запаметена по професионалците за кибернетска безбедност. Со милиони успешно изведени хакерски напади и откриени или украдени документи, често пати се чинеше дека не може ништо да се стори за спречување на упадите во глобалните компјутерски системи.
Заканите и предизвиците дојдоа од многу извори. Се верува дека хакери помогнати од кинеската армија украле милиони лични податоци на бројни актуелни и поранешни американски владини работници.
Дури посрамно, во јавноста беа обелоденети имиња на милиони регистрирани корисници на „Ешли Медисон“, веб-страница која промовира изневерувања.
Ривалите на Вашингтон, како Москва и Техеран, ги интензивираа напорите за да добијат пристап до клучни системи во американската инфраструктура, додека милиони нови направи, од автомобили до кукли, поврзани на Интернет, станаа предмет на хакерски напади. 2015-та ќе биде запаметена и по нападите на барање пари за откуп за „заробени“ компјутери, поттикнувајќи го Федералното истражно биро да издаде ретко практикувано предупредување за кибернетски напади.
Дали 2016-та ќе биде слична на претходната?
Од една страна, нема причина следната година да се очекува дека хакерите нема да се активни, па дури и усовршени во упадите. Затоа, неколкумина експерти за Гласот на Америка изјавија дека минатогодишните напади се повод надлежните да се залагаат за побезбеден кибернетски простор.
„Се чини дека 2015-та беше најлоша година во однос на кибернетските напади во САД – со 175 милиони украдени податоци, и тоа, само оние за кои се знае“, вели Џим Амбросни, директор на националната консултантска компанија „CohnReznick Advisory“.
Амбросини има 20-годишно искуство во оваа индустрија. Можеби една од најупорните закани, вели тој, воедно и најстарата и најочигледна, е заканата од напад врз компјутерски софтвер.
„Само минатата година беа претставени преку 300 милиони нови форми на софтверски напади. „Ова стана мошне популарен тренд, бидејќи луѓето сакаат да отвораат електронски пораки или веб-страници што сметаат дека се интересни и така паѓаат во замка. Затоа, од особена важност е да се обезбеди дека корисниците се добро информирани и обучени, за да ги препознаат овие малициозни напади и да знаат како да постапат по нив“.
Брус Боланд, потпретседател и технолошки директор на компанијата за кибернетска безбедност, „Fireeye“, се согласува.
Тој вели дека бројни приватни компании осознаваат дека немаат доволно ресурси самите да изведуваат и оддржуваат софистицирани безбедносни операции. Алармирани од случувањата во 2015-та, Боланд предвидува дека се` поголем број раководители ќе почнат за кибернетското обезбедување да ангажираат приватни договорни соработници коишто работат преку „клауд“ технологија. Повеќето од менаџерите сега сфаќаат дека хакерскиот напад не е прашање на тоа дали ќе се случи, туку кога, изјави Болард.
И обајцата аналитичари на 2016-та гледаат како на година кога познавањето на машините, понекогаш наречено вештачка интелигенција, ќе стане составен дел од безбедносниот софтвер и протокол. Познавањето на машините им овозможува на системите да ги регистрираат трендовите во хакерските напади и да одговорат на нив, овозможувајќи му на самиот систем, не само да се одбрани, туку и да предвиди идни слични активности.
Овие експерти не очекуваат дека во 2016-та обидите за напади ќе забават. Обајцата се согласни дека Кина, во моментов најголемиот единствен извор на кибернетски напади, во 2016-та може да го забави темпото и обемот на нападите од нејзина територија. Амбросини додаде дека се чини оти договорот меѓу претседателот Барак Обама и неговиот кинески колега Ши Џинпинг за забавување на нападите што целат на САД, функционира.
Сепак, и покрај напредоците во безбедносниот софтвер и зголемената свесност околу кибернетските закани, Боланд додава дека еден факт не може да се оспори, а тоа е дека со поврзувањето на индустриските контролни системи на Интернет, како термостатите, автомобилите или електричните направи, се отвораат нови начини за хакерски напади.