Линкови за пристапност

Отворени прашања за мотивот на кибернетски напад


Последиците на масивниот кибернетски напад се` уште се чувствуваат, а стручњаците се сомневаат дека откупот бил целта

Неколку светски компании и натаму пријавуваат нефункционалност и штета од вторничкиот кибернетски напад, кој погоди голем број компании во повеќе од 60 држави.

Heritage Valley Health System, мрежа на медицински канцеларии во американската држава Пенсилванија, објави во четвртокот дека сè уште не можеше да дава лабораториски или дијагностички услуги. Компанијата соопшти дека некои операции требало да бидат откажани, а нејзините ограноци биле затворени уште од средата.

Големата бродска компанија од Данска, A.P. Moller-Maersk, е една од најголемите компании погодени од кибернетскиот напад. Оттаму изјавија дека успеале да ја обноват функционалноста на некои од терминалите, но дека некои остануваат затворени.

Директорот на Европол, Роб Вајнрајт, нападот од вторникот го нарече „уште еден сериозен напад за откуп“. Тој рече дека имало сличности со претходниот вирус WannaCry, но исто така покажал индикации за „пософистицирана способност за напад со цел да се искористат низа слабости“.



Вирусот WannaCry направи бран од комјутерски вируси по болниците низ Велика Британија во мај годинава, заради што тие мораа да ги пренасочуваат амбулантските возила и да ги откажат операциите. Програмата бара откуп за да го отклучи пристапот до датотеки складирани на инфицираните комјутери.

Истражувачите на крајот најдоа начин да го спречат пробивањето, но откако околу 300 луѓе веќе платија откуп.

Најновиот напад во голем дел е ставен под контрола, но некои истражувачи го поставуваат прашањето за мотивот. Тие велат дека можеби не бил дизајниран да собере откуп, туку едноставно да уништи податоци.

Гавин О`Горман, истражувач на американската антивирусна компанија Symantec, во блог вели: „Можеби овој напад немал за цел наплаќање откуп, туку едноставно да поремети голем број украински организации“.

Руската антивирусна компанија Kaspersky Lab е со сличен став, дека кодот користен во софтверот за хакирање нема да им дозволи на авторите да ги дешифрираат украдените податоци по откупот.

„Се чини дека е дизајниран како бришач кој се преправа дека е вирус кој бара откуп“, пишуваат истражувачите на Kaspersky Lab, Антон Иванов и Орхан Мамедов. „Ова е најлошата вест за жртвите - дури и ако платат откуп, нема да ги вратат своите податоци“.

Компјутерскиот вирус што се користи во нападот вклучува код познат како Eternal Blue, алатка развиена од Националната агенција за безбедност (НСА) која го искористила оперативниот систем на Мајкрософт, а која во април беше објавена на интернет од групата наречена Shadowbrokers. Мајкрософт објави понова верзија во март за да ги заштити системите од таа опасност.

Тим Ролинс, директор на британската консултантска NCC Group, вели дека овие напади продолжуваат да се случуваат затоа што луѓето не успеваат ефикасно да ги заштитат нивните компјутери.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG