Линкови за пристапност

ЦВС ќе прекине да продава цигари


Претседателот Обама веднаш ја поздрави одлуката на ланецот апотеки и продавници - ќе има позитивно влијание врз здравјето на нацијата.

Ланецот апотеки и продавници ЦВС најави дека до октомври ќе прекине да продава цигари и останати тутунски производи. Компанијата што има преку 7.100 продавници образложи дека се обидува да биде повеќе ориентирана кон услугите на здравствената заштита. Според ЦВС, одлуката да ги исфрли цигарите од продажба ќе и` го намали годишниот приход од 56 милијарди долари за две милијарди.

Претседателот и поранешен пушач Барак Обама веднаш ја поздрави одлуката, велејќи дека таа дава мошне добар пример и помага на владините напори да се намали бројот на смртните случаи од пушењето, ракот и срцевите заболувања. Обама коментираше и дека потегот на ЦВС ќе има коренито позитивно влијание врз здравјето на нацијата.

Според истражувањата, меѓу возрасните во САД има 44 милиони редовни пушачи. Стапката на пушачи е пониска од многу други земји во странство, но последниве години не опаѓа, без оглед на обемните владини кампањи против пушењето. Американските власти наведуваат дека на цигарите како причина годишно отпаѓаат преку 440.000 смртни случаи.
XS
SM
MD
LG