Линкови за пристапност

Цутењето и размножувањето на алгите може да предизвикаат нова еколошка катастрофа во Дојранското Езеро


Исушено дрво во водите на Дојранското Езеро, Северна Македонија
Исушено дрво во водите на Дојранското Езеро, Северна Македонија

Состојбата на најмалото тектонско езеро во Северна Македонија, Дојранското Езеро не е добра, смета Петра Поп Ристова која е доктор на науки по акватична екологија. Таа за Гласот на Америка вели дека процесот на еутрофикација или зголемување на хранливите состојки во езерото е причина за цутењето на алгите што доведува до намалување на кислородот во водата поради што има помор на риби, но и на сите живи организми што живеат во езерото.

„Не е процес кој се случува само во Македонија односно во Дојранското Езеро, туку е широко распространет и главните причини зошто ни се загадени водите е поради интензивното земјоделие, исто така огромните количества на непречистени односно малку пречистени отпадни комунални води кои што се влеваат во нашите водни екосистеми во Европа и во нашата држава“, вели Петра Поп Ристова, доктор на науки по акватична екологија.

Поп Ристова вели дека загадувањето може да се спречи, доколку се запре внесот на нитрати и фосфати во водите на езерото.

„Ние го детектиравме главниот извор на хранливи материи во езерото. Како прво беше пречистителната станица која е една од првите пречистителни станици на комунални отпадни води во државата, но таа е веќе застарена, не функционира како што треба и очигледно всушност не ги пречистувала водите до тој степен што е потребно да го заштити, да не го загадува понатаму Дојранското Езеро. Исто така морам да кажам бидејќи имаше многу изјави во медиумите дека има проблем со затворање на каналот кој всушност служеше за дотур на вода кога е потребно во Дојранското Езеро поради тоа што имаше голема еколошка катастрофа, морам да кажам дека не само нашите истражувања туку и истражувања на други професори од факултети во Македонија покажуваат дека всушност самиот канал внесува големи количини на такви органски материи. Не кажувам дека не е потребен каналот, но е потребен само во моменти кога треба да има дотур на вода“, додаде таа.

Алги во Дојранското Езеро
Алги во Дојранското Езеро

Градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов, рече дека од пред неколку месеци во соработка со граѓанската организација Милиеуконтакт Македонија започнаа со изградба на нова пречистителна станица, со што ќе се реши деценискиот проблем на езерото.

„Во моментов имаме застој. Самиот хидросистем не работи и нема дотур на вода кое што го одржува нивото на езерото и видно се гледа дека е намалена количината на водата. Сега ни преостанува да се избориме, бидејќи тоа е под надлежност на Министерството за животна средина, да се што е можно побрзо да се санира овој хидросистем и да се стави во функција. Не зборуваме за цела година да работи и тогаш кога не е потребно, пред се во зимскиот период каде што имаме дотур на вода по природен пат, туку зборуваме за летните периоди кога има поголеми губитоци на вода“, изјави градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.

Но, и покрај намалениот водостој на езерото и зелената боја од алгите, Дојран е дестинација за бројни туристи. Некои се задоволни, а други се жалат на хигиената.

„Има многу туристи. Сега сум изненаден, има многу туристи. Мислев дека нема толку туристи, но изненаден сум“, вели Леон Пауновски, турист од Куманово.

„Многу е загадено. До овој степен немало дојдено. (Во) градот ѓубре има насекаде... цевки, пикавци сегде има“, рече Ѓорѓи Стојанов, жител на Дојран.

„Моментално е малку загадено, не е толку чисто колку што беше претходните сезони. Тоа е до општината. Треба каналот да се пушти за да се прочисти езерото“, смета Драган Кочарев, жител на Дојран.

Дојранско Езеро
Дојранско Езеро

Дојранското Езеро е значаен дел од националното и глобалното природно наследство, признато како споменик на природата. Езерото е клучно за зачувување на биолошката разновидност, идентификувана преку глобалните критериуми базирани на потребите за заштита на неговата чувствителност и незаменливост. Во моментов не е јасно дали тоа наследство ќе биде зачувано.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG