Линкови за пристапност

Билатерална соработка за заштита на културното наследство


Дали неодамнешниот договор меѓу САД и Бугарија на ова поле ќе биде мотив и Македонија да побара ист таков?

„Амбасадата на САД во Скопје во контунуитет е голем пријател на Република Македонија и недвосмилен поддржувач на заштитата и негувањето на вистинските културни вредности“, се вели во одговорот на Министерството на култура на прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик - каква соработка имаат Македонија и САД во заштитата на македонското национално културно наследство?

Прашањето го упативме по веста од Вашингтон дека САД и соседна Бугарија, на 14-ти јануари потпишале договор за заштита на бугарското културно наследство. Имено, амбасадорката Марси Рис и министерот за култура на Бугарија Петар Стојанович потпишале договор - меморандум за разбирање меѓу двете влади за заштита на културното наследство, според кој ќе соработуваат за намалување на кражбата и шверцот на антиквитети и ќе обезбедат враќање на отуѓените добра од бугарското национално наследство (археолошки и етнолошки материјали) назад во Бугарија. Договорот, според соопштението на американската влада, се темели на долгорочната посветеност на САД за заштита и почитување на културата и традицијата на другите земји, а воедно опфаќа размена на културна сопственост за културни, образовни и научни цели. Стејт департментот наведува и дека Одделите за домашна безбедност и за финансии во американскиот Федерален регистар објавиле листа на заштитен археолошки материјал што датира од 7500-та п.н.е. до 1750-та н.е., а што ќе може да се внесе во САД само со соодветна документација.

Иако по бројните медиумски извештаи за отуѓување на предмети од македонското културно наследство и нивно изнесување од Македонија, во Министерството за култура досега не се преземени конкретни чекори за да се побара помош од САД, преку потпишување на сличен договор за заштита на македонското културно наследство, по примерот на Бугарија, во Министерството се децидни дека плодната соработка и помошта од американска страна ќе продолжат.

„САД се наш голем стратешки, политички, економски и културен поддржувач и во оваа насока, сигурни сме дека ќе продолжиме со заедничките напори, да водиме грижа за културното наследство. Во тој контекст се и размислувањата во Министерството за култура за натамошна соработка на полето на заштитата на културното наследство“, стои во одговорот на Министерството.

Евентуалното понатамошно спроведување во дело на бугарскиот пример за соработка со САД, е задача на Управата за заштита на културно наследство, како правно тело во состав на Министерството за култура, надлежно за заштитата на културното наследство. Дотогаш, од Министерството ги наведуваат проектите за кои преку фондот основан во 2001 година, амбасадата на САД во Македонија, дала финансиска поддшла во вкупен износ од над милион долари: „Конзервација на јавниот објект „Стоа“ на Вардарски Рид, археолошки ископувања на Римскиот форум во Стоби, реставрација на црквата „Св. Спас“ во Скопје, заштита на мегалитската опсерваторија Кокино, реставрација и адаптација на амамот во Тетово во галерија, конзервација на старословенски и грчки ракописи од 12 век од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, реставрација на Даут-Пашиниот амам во Скопје; реставрација и ревитализација на манастирскиот комплекс “Св. Богородица“ Перивлепта во Охрид, конзервација на фреските во ранохристијанската базилика во Стоби, конзерваторско-реставраторски работи на фасадната декорација на Шарената џамија во Тетово, реконструкција на стариот конак во манастирот „Свети Архангели Михаил“ и Гаврил во Кучевиште“.

На прашањето, пак, каква стратегија за заштита на македонското културно богатство се планира по скандалозната кражба во Музејот на Македонија, од Министерството за култура реагираат: „Инспекциската служба на Министерството за култура, заедно со Министерството за внатрешни работи, беше активно вклучена во истрагата што се спроведува во Музејот на Македонија. Во интерес на истрагата, не би сакале да даваме никакви изјави и коментари пред да заврши целокупниот процес,но по завршувањето на истрагата, јавноста ќе биде запознаена со официјалниот извештај по кој ќе бидат преземени сериозни мерки.

За жал, мораме да забележиме дека незаконската трговија со културните добра станува сѐ позачестен европски и светски тренд. Ова беше констатирано и на неодамнешната конференција на претставниците на царинските управи од регионот и Светската царинска организација што се одржа во Скопје. Република Македонија не е имуна на овие состојби и се соочува со злоупотреба на своето културно наследство. Но, потенцираме дека за првпат нашата држава има еден сериозен, интегриран пристап за сузбивање на нелегалната трговија со културните добра, што е особено значајно. Податокот дека со меѓусебна координација на Царинската управа на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за култура само во текот на 2013 година на граничните премини и на аеродромот „Александар Велики“ се спречија повеќе од 500 обиди за недозволена трговија со културни добра, јасно говори за нашиот одговорен однос и интегриран пристап во заштитата на културното наследство“.

Од Министерството потенцираат дека „Република Македонија е во перманентна комуникација со Светската царинска организација, чија цел е поттикнување на ефективната соработка, партнерството и размената на информации со другите меѓународни организации, како што се ИКОМ, УНЕСКО и Интерпол, во насока на поефективна борба против нелегалната трговија со културни добра“.

Откако во октомври минатата година во Албанија беа пронајдени 20 украдени македонски икони и Македонската православна црка - Охридска архиепископија реши да засолни и постави во музеј одделни вредни икони, медиумите ја објавија изјавата на директорката за охридскиот Завод и музеј, според која таквиот музеј ќе биде во Охрид, а проектот бил во фаза на подготовка. Дебарско-кичевската епархија пак, веќе засолнила околку 400 вредни икони од црквите во струшкиот и дебарскиот регион.во три посебни центри.
Според српски медиуми, од црквите во Македонија, само во последните 10 години се украдени повеќе од 10.000 предмети, вклучувајќи и икони со посебна вредност од византиски стил, но и цели олтари, крстови, библии, и досега ниеден од тие артефакти не е вратен! Последната голема кражба во Македонија се случи во април минатата година во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе, од која беа украдени 30 икони, од кои 23 се на Дичо Зограф, еден од најпознатите уметници во 19 век.
XS
SM
MD
LG