Линкови за пристапност

САД размислуваат за затворање на амбасадата во Куба


Стејт департментот ги истражува „нападите по здравјето“ врз дипломатите

Државниот секретар Рекс Тилерсон изјави дека САД размислуваат за затворање на амбасадата во Куба по неколкуте „напади по здравјето“ врз американските дипломати.

„Вршиме оценка. Тоа е многу сериозно прашање по штетите што го претрпеа некои поединци, а некои од нив вративме дома,“ изјави Тилерсон на емисијата „Соочување со нацијата“ (Face the Nation) која се емитува на телевизијата „Си-Би-Ес“ (CBS).

Најмалку 21 Американец настрадале во она што Стејт департментот ги нарекува „инциденти“ кои довеле до појава на различни симптоми, како губење на слухот, потрес на мозокот, главоболки, ушни ѕвонења, па дури и проблеми со концентрација и губење на сеќавањето на вообичаени зборови. Засегнати биле и неколку канадски дипломати и нивните семејства.

Некои од нив почувствувале вибрации или слушнале гласни звуци кои мистериозно се слушаат само во некои делови од собите, што ги навело истражителите да размислат за постоење на „звучен напад“. Други не слушнале ништо, но подоцна исто така ги развиле овие симптоми.

Иако истражителите ја разгледуваат можноста за постоење на звучни бранови или електромагнетно оружје, причинител или направа се` уште не е идентификувана, објави Асошиетед прес. Инцидентите започнале кон крајот на минатата година, а најновите биле пријавени во август.

Законодавците во Вашингтон го вклучија алармот околу инцидентите. Во петокот петмина републикански сенатори му напишаа на Тилерсон, барајќи затворање на амбасадата во Хавана и протерување на сите кубански дипломати од САД.

Куба ја негира вмешаноста и соопшти дека соработува во истрагата. САД за нападите не ја обвинија директно Куба, но претходно годинава побараа двајца кубански дипломати да го напуштат Вашингтон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG