Линкови за пристапност

Приоритетите на Грција за време на ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ


Излагање на грчкиот заменик-министер за развој и компетитивност Панајотис Митараки во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.

Грчкиот заменик-министер за развој и компетитивност Панајотис Митараки петокот беше гостин на Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, каде говореше за грчките приоритети на претстојното претседателствување со Советот на ЕУ.

Митараки ги наброја и тековните финансиски проблеми со кои се соочува земјата пред да застане на чело на Унијата: „Се работи за шест години последователна рецесија, 27% невработеност, околу 60% невработеност меѓу младото население“.

Издвојувајќи ги приоритетите на Грција за време на ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, пак, тој го наведе развојот, зголемувањето на бројот на работни места и кохезијата во услови кога ЕУ мина низ мошне тешка економска криза и повика на реинвестирање во економијата на Европа. Следен на листата приоритети е натамошно интегрирање на еврозоната, со зацврстување на буџетските и економски интеграциони рамковни планови. Како трет приоритет за Грција ќе биде миграцијата, границите и мобилноста, со фокус на илегалната миграција. Грција ќе се залага за потребата од интегрирана европска политика во рамки на Унијата, но и во однос на земјите-соседи на Грција, за да се креираат економски услови со кои овие земји би ја намалиле илегалната имиграција, а истовремено би се обезбедила подобра заштита на европските граници. Како последен приоритет тој го наведе интегрираниот пристап на поморските прашања, со акцент на натамошното истражување на природните ресурси ширум Европа, за кои смета дека се битни за опоравување на еврозоната.

Митараки вети дека лично ќе се заложи за соработка со европскиот Совет за надворешни работи во однос на трговијата. „Слободната трговија е клучен двигател за развој и работни места, и Грција се залага за продлабочување на трговскиот договор меѓу САД и ЕУ за слободна трговија и пристап до пазарите“.

Гласот на Америка на македонски побара од грчкиот заменик-министер за развој да ја коментира неодамнешната изјава на вице-премиерот и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, дадена во Брисел, дека прашањето околу името не е билатерален, туку меѓународен проблем, и да појасни што конкретно има намера да стори Грција на овој план, додека е на чело на ЕУ.

„Сметам дека тоа прашање треба да се реши. Се надевам дека ќе видиме поприлагодливи политички одлуки од страна на нашите соседи, што би овозможило ова прашање да се разреши“, рече грчкиот заменик-министер за развој и компетитивност.
XS
SM
MD
LG