Меѓународниот комитет на Црвениот крст во четвртокот соопшти дека го олеснил ослободувањето на 125 судански војници кои ги држеле ривалските паравоени сили за брза поддршка.
Во соопштението на Меѓународниот комитет на Црвениот крст се вели дека 44 од ослободените војници се ранети и дека агенцијата утврдила дека се способни да патуваат заедно со остатокот од групата од Картум до градот Вад Мадани.
„Овој позитивен чекор значи дека семејствата ќе го слават Курбан Бајрам со своите најблиски. Ние сме подготвени да дејствуваме како неутрален посредник за ослободување на затворениците од сите страни во конфликтот секогаш кога ќе биде побарано“, вели шефот на делегацијата на МКЦК во Судан, Жан Кристоф Сандоз.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека ослободувањето во средата уследило по претходното во понеделникот во кое биле вклучени 14 ранети лица кои биле приведени во регионот Дарфур.
Борбите меѓу суданската војска и паравоените сили за брза поддршка избувнаа во средината на април, а Министерството за здравство на земјата соопшти дека во конфликтот загинале повеќе од 3.000 луѓе.
Повеќекратните прекини на огнот меѓу двете страни пропаднаа.
Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес