Македонски кардиолози од 3-ти до 5-ти март учестуваа на традиционален кадриолошки Конгрес во Вашингтон, кој е еден од најголемите научни собири во светот во областа на интервентата и клиничката кардиологија.
За тежината на конгресот зборува и фактот што еден од специјалните говорници беше поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер.
На конгресот во Вашингтон, како и на научна кадриолошка конференција во Њујорк учестуваше и врвниот македонски кардиолог д-р Никола Бакрачевски, кој беше гостин во Гласот на Америка на македонски.
Интервентната кардиологија во Македонија е навистина на едно завидно ниво. Се практикуваат постапки и методи кои со ништо не заостануваат зад референтните центри во светотД-р Никола Бакрачевски, кардиолог
Тој посочи дека посебен акцент бил ставен на новите методи и техологии во дијагностиката и третманот на кардиоваскуларните заболувања.
„Тоа се одвива и преку директен пренос на слика и тон во живо од операциони сали насекаде од САД, каде се пренесуваат интервенции односно оперативни процедури во живо. Мојот труд кој го презентирав тука се однесуваше на посебен пристап во решавање на лезии, односно пристап од двете подлактици, кој што е доста нов и прифатен од мал број центри во светот или од ограничена група на оператори“, вели д-р Бакрачевски.
Научните настани во САД за македонските кардиолози се можност да учат, но и да ги презентираат своите искуства, кои во оваа област не заостануваат зад светските трендови, вели тој.
„Интервентната кардиологија во Македонија е навистина на едно завидно ниво. И можам да кажам дека се практикуваат постапки и методи кои со ништо не заостануваат зад референтните центри насекаде во светот кои изведуваат експертски процедури или експертски методи.“
Американските, и воопшто светските искуства се значајни за македонските кардиолози, вели д-р Бакрачевски, особено поради тоа што кардиоваскуларните заболувања се меѓу водечките причини за смртност како во светот, така и во Македонија.
Facebook Forum