„Потегот на САД е само потврда дека на македонскиот правосуден систем му треба ремонт“ – коментира премиерот по одлуката на Вашингтон да му забрани влез на струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, и на неговото семејство, во Америка. Образложението за ваквиот чекор – вмешаност во корупција, според Ковачевски, е многу сериозно и затоа, тој, јавно прашува зошто надлежните домашни институции сами не дошле до такви наоди.
„Пораката е дека нашите институции, зборувам за истражните и правосудните органи, треба да ги испитаат наводите кои што се наведени во самото соопштението на Стејт Департментот. Исто така тие треба да се запрашаат како тоа САД дошле до такви информации на кои што ја базирале својата одлука, а се наоѓаат на неколку илјади километри од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци во текот на сите изминати години. Ова само уште еднаш потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт со оглед на тоа дека сакаме да живееме во европска држава“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
И вицепремиерката за добро владеење очекува реакција од домашните правосудни органи. „Неказнивоста ги минира сите заложби за превенција на корупцијата. Тогаш кога правосудството ќе се избори за поголема доверба од граѓаните, драстично ќе се подобрат и резултатите во борбата против корупцијата“, порача Славица Грковска преку социјалните мрежи.
Американската амбасадорка во земјава повтори дека ова – борбата против корупција е многу важен процес за САД и најави нови имиња на листата. Кои, не кажа.
„Овие назначувања траат долго, тоа се процедури кои внимателно следат законски процес - се врши ревизија на сите докази, се со цел ништо да не се остави на случајот. Во кој било момент има листа на имиња кои се уште се во процес на разгледување кој го вршат нашите надлежни служби во САД. Не можам засега со точност да кажам кога ќе бидат соопштени други имиња, но уверена сум дека ќе ги има. Да повторам, САД ова го разбираат многу сериозно“, вели амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Министерот за образование, инаку од редовите на ДУИ – партијата од која доаѓа и Мерко, не даде јасен став за одлуката на Стејт Департментот.
„ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво“, вели министерот за образование, Јетон Шаќири.
Ставањето на Мерко на листата непожелни во САД за опозицијата е потврда на нивните изјави дека ДУИ, како што велат, е партија со криминалмни кадри.
„Ставањето на Рамиз Мерко од ДУИ на црната листа на САД, е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ. Ваквите соопштенија, извештаи и ставови на нашите меѓународни пријатели се уште една потврда на сето тоа што го зборува ВМРО-ДПМНЕ, дека ДУИ мора да замине во политичка пензија. Таа партија мора да се исчисти од криминалните и корумпирани кадри, време е за промени“, вели Мирче Ациоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Стејт департментот во вчерашното соопштение наведе дека на Мерко, на неговата сопруга и на трите деца им се забранува влез во САД поради вмешаност на градоначаникот на Струга во значајна корупција. „Како градоначалник, Мерко злоупотребувал државни средства, се мешал во судски и други процеси, и со тоа наштетувал на довербата на јавноста во демократските институции и претставници“, заклучува Стејт департментот.