Линкови за пристапност

Европа загрижена дека договорот од Пржино ќе се распадне


Дали договорот од Пржино е мртов
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

Дали договорот од Пржино е мртов

Европратеничката тројка Кукан-Ховит-Вајгл предупредува дека Влада што не е базирана на договор на сите партии го ризикува договорот

Прашањето дали договорот од Пржино уште важи повторно се актуелизира по второто одложување на изборите. За опозицијата договорот е мртов, за дел од дипломатите не, за некои кругови во меѓународната заедница е сериозно загрозен, а за владејачката коалиција договорот е функционален.

Од ВМРО-ДПМНЕ, за Гласот на Америка, велат дека голем дел од договореното во Пржино е на сила, со исклучок на одржувањето на предвремените избори од кои пак, според објаснувањето на партијата на власт, директно зависи учеството на опозицијата во владата. „Државата треба да тргне напред, не може да биде заложник на стравот на СДСМ од избори, владата мора да биде функционална и да реализира проекти“, велат оттаму.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вели дека Пржино е погребано.

„Една од најзначајните одредби е организацијата на владата за спроведување на избори е укината буквално. Поради тоа договорот од Пржино е погребан. Тоа е нашиот став“, изјави Заев.

ДУИ, судејќи според соопштението објавено по денешната средба на Али Ахмети со специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл, нема дилеми дали Пржино е живо.

„Ахмети истакна дека Договорот од Скопје продолжува со полн капацитет, со специјален обвинител и независна изборна комисија, при што Владата ќе ги спроведе предвидените реформи со посветеност“, се вели во партиското соопштение.

Германскиот олеснувач Јоханес Хајндл јасно порача дека ситуацијата изискува голема одговорност, притоа не споменувајќи го враќањето на претходниот владин состав, без опозицијата во него.

„Секој треба да знае кој е влогот и секој треба да ја знае својата одговорност. Тоа е се што можам да кажам во оваа фаза. Многу нешта се во прашање. Неопходно е сите политички лидери да се однесуваат во согласнот со политичката одговорност“, изјави Хајндл.

Дел од странските олеснувачи во процесот, како европратеничката тројка Кукан-Ховит-Вајгл, предупредува дека договорот од Пржино е пред распад, токму поради изоставувањето на опозицијата од владиниот состав.

“Длабоко жалиме што последниот дијалог меѓу главните политички партии не доведе до заеднички пристап за надминување на кризата. Во сегашната ситуација јасно ни е, и загрижени сме дека формирањето влада што не е базирана на договор на сите партии ризикува целосен распад на Договорот од Пржино“, велат Кукан, Ховит и Вајгл во заедничкото соопштение

Американската администрација, која е директно вклучена во обидите за решавање на кризата, преку заменикот-помошник државен секретар Хојт Ји порача дека силно го поддржува пржинскиот договор и дека на земјата и треба влада која ќе биде способна да ги исполни реформите преземени токму во Пржино.

XS
SM
MD
LG