Линкови за пристапност

Мостот на Путин ги подели жителите на Крим


Некои жители на анкетираниот полуостров мислат дека мостот ќе донесе економски придобивки, но други велат дека тој е симбол на руската хегемонија

Новиот мост кој ги поврзува Крим и Русија е двонасочен, но политичката поделба која настана со неговата изградба, доминира кај сите кои полуостровот го нарекуваат свој дом.

Рускиот претседател Владимир Путин ја предводеше церемонијата на отворање на мостот, возејќи камион "Камаз" кој е само делумно од руско производство. Путин вети дека мостот ќе донесе економски придобивки за Крим, но вишите членови на Меџлис, самоуправното тело на Татарите од Крим на кое Русија ги одзеде овластувањата, гледаат поинаку.

„Мостот е проект за подобрување на имиџот на Путин пред избирачите во Русија“, изјави за руската редакција на Гласот на Америка, Улми Умеров, заменик-директорот на Меџлис. „Она што велат, дека мостот е порта кон негде, не е вистина. Мостот е само порта до ќорсокакот. Економски, тој нема да биде оправдан“.

За заменикот на Умеров, Ахтем Чијгоз, финансиската перспектива е бледа. Никакви економски придобивки, не можат да го компензираат она што беше изгубено, изјави тој за Гласот на Америка.

„Блиските братски врски со Украина завршија кога Русија започна со убивање на украинските граѓани во Крим, во Источна Украина, вклучувајќи жени и деца“, додаде Чијгоз.

Според некои Руси, мостот е наменски дизајниран да го поврзе Крим со руската транспортна мрежа, но повеќето на овој потег гледаат како на враќање на владеењето на Москва во овој регион.

Финансирањето на проектот е проблематично

Анексијата на Крим од страна на Русија во 2014-та година и санкциите кои уследија, предизвика влошување на односите со Западот.

Порано неделава државниот секретар на САД Мајк Помпео, и украинскиот претседател Петро Порошенко, им се придружија на вишите претставници на ЕУ во осудата на проектот, нарекувајќи го кршење на меѓународното право, додавачи дека тој и` штети на животната средина и на пловидбата на поголемите бродови кон пристаништата на Азовско Море.

САД, кои санкционираа голем број поединци и ентитети - вклучени во проектот, ветија дека санкциите поврзани со Крим ќе останат на сила, се` додека Русија не ја врати контролата на полуостровот на Украина.

Рускиот адвокат Николај Полозов, кој дава правни совети за Меџлис, вели дека завршувањето на мостот покажува дека санкциите во голема мера се застарени.

Промоција на туризмот

Крим е популарна летна дестинација за Русите, а Путин во март рече дека би сакал мостот да биде отворен пред почетокот на туристичката сезона.

Мостот воедно ќе го олесни пристапот до полуостровот од јужна Русија, од каде досега возилата доаѓаа со помош на фери-бродови.

Сепак, Чијгоз вели дека „во изминатите три години, ништо не ги спречуваше Русите да доаѓаат на Крим“, додавајќи дека во 21-от век не можете да крадете територија од друга држава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG