Линкови за пристапност

Пилотот на урнатиот авион бил на обука


Претставници на Азијана Ерлајнс велат дека пилотот за прв пат слетувал со Боинг 777 на аеродромот во Сан Франциско.

Пилотот на авионот на компанијата Азијана Ерлајнс, што се урна во саботата во Сан Франциско, се` уште бил на обука за управување на Боинг 777 и се обидел да приземји таков авион на оваа локација за прв пат.

Јужнокорејската авиокомпанија во понеделник кажа дека пилотот имал 43 часови искуство со 777, и имал вкупно околу 9.000 часови на летање. Поискусен пилот со авионот играл улога на тренер и ко-пилот на летот.

Американските истражители велат дека иако е премногу рано да се каже што го предизвикало уривањето, авионот се движел „значително под“ потребната брзина на пистата и дека пилотот се обидел да го прекине слетувањето.

Претседателката на Националниот борд за безбедност во сообраќајот, Дебора Херсман, во неделата кажа дека барањето за прекин на слетувањето дошло само 1,5 секунда пред ударот – премногу доцна да се избегне уривањето што уби две лица и повреди десетици други.

Двете загинати патнички биле 16-годишни девојчиња од Кина кои биле во група од 30 ученици и нивни наставници упатени на летен камп во САД.

Летот бил од Шангај и застанал во Јужна Кореја пред да замине за Сан Франциско, Калифорнија.

Претставници на Азијана Ерлајнс велат дека нема индикации за механички проблеми на авионот во време на уривањето. Времето било убаво кога авионот се приближувал кон аеродромот.

Азијана е втора најголема авиокомпанија во Јужна Кореја, по националната компанија Корејан Ер.

Претседателот Барак Обама изрази сочувство на семејствата на жртвите, како и кинескиот претседател Ши Жинпинг.
XS
SM
MD
LG