Линкови за пристапност

Ковид нема да го снема во блиска иднина


Научниците велат дека коронавирусот што брзо се прилагодува ќе циркулира меѓу светската популација некое време.

Една работа за која научниците сепак се согласуваат во битката против вирусот, кој уби повеќе од два милиони луѓе, е важноста на вакцинирањето.

Д-р Т. Џејкоб Џон, водечки индиски јавен здравствен службеник, за Асошиејтед Прес изјави дека коронавирусот во одреден момент ќе стане „уште едно животно во зоолошката градина“ со кое светот научил да живее, како детска парализа или сипаници.


Зимбабве ги доби своите први дози од вакцината Ковид-19 во понеделникот. Вакцините Синофарм се донација од Кина, но владата на Зимбабве исто така купи дополнителни 600 илјади дози, соопштија државните медиуми, кои се очекува да пристигнат во африканската држава следниот месец, што е сè уште далеку од потребното за да се инокулираат нејзините милиони жители.

Израел направи голем напредок во инокулацијата на своето население против коронавирусот, но сега тој напредок драматично успорува со, како што рече премиерот Бенјамин Нетанјаху, „лажните вести и суеверните, а понекогаш и малициозни верувања што се презентираат на јавноста и преку интернет“.

Израел ја засили работната група за дигитално спротивставување на дезинформациите и Асошиејтед Прес вели дека Израел исто така распоредил ди-џеи и понудил бесплатна храна за да ги привлече жителите кон местата за вакцинација.

Истражувачите откриле најмалку седум нови варијанти на Ковид-19 во САД. Сепак, не е јасно дали варијантите во САД се заразни како британската и јужноафриканската.

Просечниот број на нови случаи на Ковид дневно во САД неодамна падна под 100 илјади, за прв пат последниве месеци. САД, сепак, остануваат на врвот на листата како локација со најмногу случаи на Ковид.

Има повеќе од 108 милиони глобални инфекции со Ковид. На САД отпаѓаат повеќе од 27 милиони случаи, по што е Индија со 10,9 милиони и Бразил со 9,8 милиони, велат од Универзиттетот Џонс Хопкинс.

Професионалците за ментално здравје предупредуваат на криза со менталното здравје кај младите, предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Експертите велат дека младите доживуваат осаменост и очај, а некои размислуваат за самоубиство, со сите потреси што ги донесе вирусот во нивните млади животи.

XS
SM
MD
LG