Група американски сенатори во неделата разговараа со претставници на администрацијата на Бајден за предлогот на претседателот за помош поради пандемија за коронавирус во висина од 1,9 трилион долари и изјавија дека се надеваат оти ќе го усвојат документот пред почетокот на судењето за импичмент на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Законодавците од двете партии рекоа дека се согласиле оти приоритет во моментов е да се забрзаат напорите за вакцинирање против Ковид-19 и тестирањето.
Некои републиканци се сомневаа во потребата од толку голем пакет на трошоци еден месец откако Конгресот одобри мерка за олеснување од последиците на пандемијата во висина од 900 милијарди долари.
Претходната помош дојде по несогласувањата околу големината на директните исплати за американските домаќинства. На крајот се договорија за 600 долари по лице, со тоа што износот ќе се намалува зависно од приходот.
Најновиот предлог вклучува исплати од 1.400 долари.
Справувањето со пандемијата Бајден ја постави како најголем приоритет за првите месеци од неговото претседателствување.
Повеќе од 419 илјади луѓе во САД починаа од Ковид-19, од вкупно над 25 милиони инфекции.
Сенатот треба да го започне судењето за импичмент на Трамп во неделата што почнува на 8 февруари.