Линкови за пристапност

Центрите за контрола и превенци на болести препорачуваат: Останете каде што сте за Денот на благодaрноста!


Во САД има 11,7 милиони случаи на инфицирани со коронавирус. Тоа е повеќе од секаде во светот. САД, исто така, имаат најголем број на жртви во светот од коронавирусот, со повеќе од четвртина милион починати.

Центрите за контрола и превенција на болести на САД (CDC) и сојузот на три професионални медицински групи објавија одделни соопштенија во четвртокот во кои ги повикуваат Американците да останат дома за прославата на Денот на благодарноста следната недела и да ги преиспитаат своите планови за празникот.

Тие се плашат дека собирањата за празникот може да додадат на скокот на нови случаи, а со тоа и зголемување на смртноста.

„Позитивните случаи се зголемија по комеморациите за Денот на ветераните, по Четврти јули, по Денот на трудот и сега - две недели по Халовин“, се вели во заедничкото отворено писмо на Здружението на американските болници, Американското медицинско здружение и Американското здружение на медицински сестри.


„Рекордниот пораст на позитивни случаи во моментов е резултат на неконтролирано ширење и инфекцијата во заедниците што е оптоварување на здравствените системи во некои области што на крајот ќе доведе до исполнување на капацитетите на нашиот здравствен систем што, пак, може да ја намали достапноста до здравствена грижа на многу места во нашата земја“.

Во изјавата од CDC Американците се повикуваат да не патуваат во посета своите најблиски, и наместо тоа да слават дома со луѓето со кои живеат.

Соопштението од CDC дојде само една недела пред Денот на благодарноста и откако многу Американци веќе направија аранжмани за патувањe за празникот.

„Одложувањето на патувањето и престојот дома е најдобриот начин да се заштитите себеси и другите оваа година“, се вели во соопштението на CDC.

Системот на јавни училишта во Њујорк, најголем во САД и првиот голем градски училишен систем што повторно се отвори во пандемијата на коронавирус, беше затворен повторно во четвртокот, поради зголемениот број на случаи со КОВИД-19 во градот.

Градоначалникот Бил де Блазио исто така најави дека најверојатно за некоја недела ќе престанат услугите за јадење во рестораните, спортските сали ќе бидат затворени како и други бизниси.

Студија на БлумбергНЕФ откри дека стакленичките гасови генерирани од американската економија се очекува да паднат за 9,2% оваа година, со што ќе дојдат на најниско ниво за последните 30 години.

Тоа би ги ставило САД на добар пат да ги исполнат своите обврски кон Парискиот климатски договор што САД го потпишаа за време на администрацијата на Обама, а од кој претседателот Доналд Трамп ги повлече САД.

Пентагон потврди дека вршителот на должноста потсекретар за одбрана Ентони Тата има Ковид-19. Тој и уште неколку лица биле изложени на вирусот, соопшти Пентагон, по состанокот со литванска делегација, вклучувајќи го и министерот за одбрана Раимундас Кароблис, кој бил позитивен на Ковид-19. Тата е дома во изолација.

Американските држави Охајо и Калифорнија воведоа полициски час од 10 навечер до 5 часот изутрина во обид да го стават ширењето на коронавирусот под контрола. Охајо започна со полициски час во четвртокот што ќе важи 21 ден. Полицискиот час во Калифорнија започнува во сабота навечер за 41 од 58 окрузи во државата, и ќе заврши на 21 декември.

Светската здравствена организација соопшти дека Ремдесивир, еден од лековите што ги користел Трамп, не се покажал ефикасен во лекувањето на пациенти со Ковид-19.

„Нема докази засновани на моментално достапни податоци дека овој лек ги подобрува резултатите важни за пациентите“, пишува панелот на СЗО во извештај објавен во списанието „BMJ“.

XS
SM
MD
LG