Додека САД се борат со времето и лошите зимски временски услови да вакцинираат повеќе од 300 милиони луѓе против Ковид-19, Американската администрација за храна и лекови објави нов пакет упатства во кој се изоставува клучното барање за одобрение за вакцинирање.
Агенцијата во понеделникот објави дека изработувачите на лекови нема да треба да изведат нов циклус на масивни клинички тестови што инволвираат илјадници доброволци за да се тестира вакцината што била прилагодена за новите варијанти на коронавирус. Агенцијата кажа дека компаниите можат ефикасноста на обновените вакцини да ја тестираат преку сличен процес на оној што се користи за годишните вакцини против грип.
Процесот инволвира давање на новоприлагодената вакцина на мала група доброволци и споредување на јачината на нејзината имунолошка реакција на онаа со оригиналната верзија. Истражувачите можат да ја тестираат новоадаптираната вакцина или како прва вакцина или бустер или зајакнувачка вакцина за оние кои веќе биле инокулирани.
Производителите на лекови веќе работат на ревидирање на вакцините за да одговорат на брзорастечките видови на коронавирусот, идентификувани во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка, што може да ја намали ефикасноста на постојните вакцини.
Новите упатства на агенцијата беа објавени истиот ден кога САД надминаа 500.000 жртви на Ковид-19, први во светот во 14-месечната глобална пандемија.
Но, трагичната цифра доаѓа кога нацијата се чини дека се движи забрзано напред во борбата против коронавирусот: просечниот број на нови инфекции и смртни случаи со Ковид-19 оди надолу од почетокот на јануари, додека дистрибуцијата на вакцините и стапките на инокулација постепено се зголемуваат и покрај првичниот недостиг на вакцини и снежното невреме што погоди голем дел од САД овој месец, што го одложи транспортот на вакцините за неколку дена.