Линкови за пристапност

САД ги заоструваат рестрикциите додека расте бројот на случаи со коронавирус


Додека во САД има нов наплив на случаи со коронавирус, лидерите на Калифорнија, Ајова и други сојузни држави на САД воведуваат нови ограничувања во обидот да го забават ширењето на вирусот кој уби повеќе од 247 000 луѓе во државата.

Гувернерката на Ајова, Ким Рејнолдс нареди сите собири во затворени простории да бидат ограничени на 15 лица, со задолжително носење маски за оние кои не се во состојба социјално да се оддалечат од луѓето во затворено повеќе од 15 минути и рече дека сите ресторани и барови мора да се затворат до 22 часот.

„Ако жителите на Ајова не се придржуваат на ова, сите губиме“, рече Рејнолдс на прес-конференција во понеделникот. „Бизнисите повторно ќе бидат затворени. Повеќе училишта ќе бидат принудени да работат со далечинска настава, нашиот здравствен систем ќе пропадне и животните трошоците ќе бидат високи."

Во Калифорнија, гувернерот Гaвин Њусом отиде подалеку, стопирајќи ги сите услуги во затворени простории во баровите и рестораните и барајќи од луѓето да носат маски надвор од своите домови, со мали исклучоци. Ограничувањата се однесуваат на 40 од 58 окрузи во Калифорнија.

Њу Џерси исто така постави построги ограничувања за собири на луѓе од различни домаќинства, додека градот Филаделфија забрани какви било затворени собири меѓу луѓето кои не живеат заедно.

Во текот на изминатата недела, САД бележеа просечно по речиси 150.000 нови случаи на ден, според Универзитетот Џонс Хопкинс. Земјата регистрираше повеќе од 11,2 милиони случаи за време на пандемијата, најмногу во светот.

Зголемувањето на случаите предизвика оптоварување на здравствените системи со тоа што половина од државите во САД известуваат за нови рекордни цифри на хоспитализациите.

Во малопродажбата исто така се воведени безбедносни мерки на претпазливост за купувачите. Ограничено е и купувањето на средства за дезинфекција на рацете, тоалетна хартија и други неопходни заштитни средства.

Од друга страна, некои комерцијални установи, сакаат да го зголемат бизнисот. Киносалите во Њујорк бараат дозвола за повторно отворање, додека рестораните во Масачусетс се обидуваат да им служат на повеќе клиенти ноќе.

Во телефонски разговор во понеделникот со гувернерите на сојузните држави, потпретседателот Мајк Пенс, кој ја води работната група за борба против коронавирусот во администрацијата на Трамп, повика гувернерите да им кажат на жителите дека државата никогаш не била поподготвена да се справи со Ковид-19. Тој рече дека има големи резерви на опрема за лична заштита и посочи на ветувачките рани резултати од две вакцини кои се тестираат.

Новоизбраниот претседател Џо Бајден пред новинарите во понеделникот изјави дека одбивањето на администрацијата на Трамп да се координира со неговиот транзиционен тим има потенцијал за тешки последици за владата, кога новата администрација ќе стапи на должност во јануари.

XS
SM
MD
LG