Линкови за пристапност

Нов модел проектира дека до 1 ноември Ковид-19 во САД ќе однесе до 224.000 животи


Бројот на потврдени случаи на КОВИД-19 во САД е речиси 3,5 милиони

Бројот на починати од Ковид-19 во САД се искачи над 137.000. Нов модел развиен од Институтот за здравствена метрика и евалуација на Универзитетот во Вашингтон проектира дека бројот на починати од КОВИД-19 ќе достигне до 224.000 луѓе до 1 ноември, што е за 16.000 повеќе од претходната прогноза.

Но, неколку гувернери одбија да наложат задолжително носење на маска за лице и покрај тоа што има просечно повеќе од 60,000 нови случаи на коронавирус дневно во САД


Со оглед на тоа што бројот на потврдени случаи на КОВИД-19 во САД е речиси 3,5 милиони и се зголемува, повеќе држави, локални власти и бизниси им наложуваат на жителите и клиентите задолжително да носат маска за лице.

Гувернерката на Алабама, Кеј Ајви, им наложи на сите жители од денеска да започнат да носат маски, бидејќи државата во средата пријави скоро 50 нови смртни случаи. Гувернерот на Монтана Стив Булок наметна задолжителна обврска за носење на маски на сите затворени јавни места.

Најголемиот малопродажен ланец, „Волмарт“, е најновиот што побара од клиентите да носат маски на сите негови повеќе од 5.000 продажни места, приклучувајќи се на технолошкиот гигант „Епл“, ланецот „Старбакс“ и други.

Но, неколку лидери на држави одбија да наложат задолжително носење на маска за лице и покрај тоа што има просечно повеќе од 60,000 нови случаи на коронавирус дневно во САД од почетокот на јуни.

Таков е случајот со гувернерот на Оклахома, Кевин Стит, кој во средата објави дека му бил дијагностициран коронавирус. Републиканецот Стит присуствуваше на митингот на кампањата на претседателот Доналд Трамп во Тулса минатиот месец, за што здравствените експерти веруваат дека најверојатно придонело за ширење на случаите на КОВИД-19 таму.

Друг гувернер кој одби да издаде налог за целата држава, со кој обврската за носење маски би била задолжителна е Рон ДеСантис од Флорида, каде има над 300.000 потврдени случаи и каде што бројот на нови инфекции достигна кризна точка, бидејќи капацитетот на болниците е веќе исполнет или е близу до исполнетост.

Флорида е една од неколкуте држави во САД каде има голем пораст на бројот на инфекции и смртни случаи на коронавирус, вклучувајќи ги и Аризона, Тексас и Калифорнија.

Организаторите на годишниот турнир на парадата на розите,што традиционално се одржува на Нова година, во средата објавија дека го откажуваат изданието за 2021 година поради пандемијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG