Линкови за пристапност

Новиот пакет помош на Конгресот за справување со пандемијата се очекува до крајот на неделата


Целта е да се финализира предлогот во наредните денови, за да може Конгресот да гласа следната недела, рече Мучин

Белата куќа и демократските конгресни лидери денес се среќаваат повторно да преговараат за новиот пакет помош за справување со пандемијата, кој се надеваат дека ќе го донесат до крајот на неделава.

Секретарот за финансии на САД Стивен Мучин, рече дека по 90 минути преговори вчера, целта е да се финализира предлогот во наредните денови, за да може Конгресот да гласа следната недела.

Во преговорите учествуваат шефот на Кабинет на Белата куќа Марк Медоус, спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, и лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер.

„Навистина преговаравме во детали за секое прашање поединечно. Тие направија некои отстапки и ние тоа го цениме. И ние направивме отстапки, и тие тоа го ценат. Се` уште сме на различни страни во однос на многу важни прашања, но, работиме на тоа“, рече Шумер.

Медоус ја нарече средбата „најверојатно најпродуктивна досега“.

Двете страни се спротивставени околу висината на помошта. Демократите бараат 3,4 трилиони долари, а републиканците сакаат да ја ограничат помошта до еден трилион долари.

Мучин во понделникот сигнализираше можност за флексибилност, велејќи дека се отворени за поголем пакет доколку се постигне договор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG