Центрите за контрола и превенција на болести во САД потврдија дека ги информирале јавните здравствени официјални лица во сите 50 сојузни држави, и неколку големи градови, да бидат подготвени да ги дистрибуираат вакцините против ковид-19 до први ноември, два дена пред претседателските избори.
Според извештаите во медиумите, Центрите за контрола и превенција на болести испратиле известување од четири страници до здравствените оддели, со цел да напрват нацрт-планови за вакцинација до први октомври, за да бидат подготвени за најраната можна вакцина против ковид-19.
Њујорк тајмс објави дека известувањето од директорот Роберт Редфилд, исто така, било испратено до сите сојузни држави, како и до градовите Њујорк, Чикаго, Филаделфија, Хјустон и Сан Антонио.
Во документот се вели дека здравствените лица, вработените во центрите за грижа и други суштински работници, како и вработените за национална безбедност, би требало да добијат првично известување за приоритени лица за можна нова вакцина.
Според Њујорк тајмс, Центрите за контрола и превенција на болести ги ставиле како приоритени Американците над 65 години, етничките малцински заедници, домородните Американци и затворениците.
Доктор Ентони Фаучи, директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести, вчера изјави дека е убеден оти ќе има безбедна и ефективна вакцина до крајот на годината.
Сепак, во интервју за Ројтерс минатата недела, Фаучи нагласи дека не би сакал да види итно одобрена вакцина пред да има знаци за ефикасност.
И други здравствени експерти изразија скептицизам за пуштање на вакцина пред да завршат клиничките тестирања, велејќи дека забрзувањето на дистрибуцијата во јавноста, би можело да доведе до безбедносни ризици, како и да се продлабочат ставовите против вакцинација.
Facebook Forum