Линкови за пристапност

Два до 13 пати повисок бројот на заразени во САД од регистрираниот, велат Центрите за контрола и превенција на болести


Најмалку 40 отсто од лицата кои ќе се заразат со вирусот, не развиваат симптоми, велат научниците

Центрите за контрола и превенција на болести во САД, објавија дека вистинскиот број на заразени во некои делови на државата е меѓу два до 13 пати повисок од оној што официјално е регистриран.

Податоците покажуваат дека многу заразени лица не побарале здравствена помош или да бидат тестирани, бидејќи имале благи симптоми или воопшто немале симптоми, поради што најверојатно го ширеле вирусот.

Според истражувањата, најмалку 40 отсто од лицата кои ќе се заразат со вирусот, не развиваат симптоми.

Научниците во Центрите за контрола и превенција на болести, исто така, откриле дека само мал број на луѓе во многу делови на САД имале антитела, укажувајќи дека најголемиот дел од граѓаните остануваат во голем ризик да се заразат.

Во Њујорк, првиот епицентар на КОВИД-19 во САД, речиси 24 проценти од лицата создале антитела, многу помалку од потребните 60 отсто, што научниците веруваат се неопходни за доволно луѓе да стекне имунитет.

Бројките се многу пониски во други места низ државата, како Филаделфија, Мисури и Јута.

Претседателот на САД Доналд Трамп, на вчерашниот прв брифинг за пандемијата од април, рече дека ситуацијата ќе биде многу полоша пред да се подобри.

Со повеќе од 14,8 милиони заразени на глобално ниво, и повеќе од 613.000 смртни случаи, научниците велат дека има напредок во развојот на вакцина, која ќе биде безбедна и ефективна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG