САД се насочуваат кон поголема изолација од светот, како резултат на пандемијата на коронавирус.
Од утре на полноќ, ќе се затворат границите кон Канада и Мексико за несуштински патувања.
„Сите мерки кои стапуваат во сила ќе го заштитат здравјето на граѓаните во сите три држави“, рече денес претседателот на САД Доналд Трамп.
Државниот секретар Мајк Помпео, пак, истакна дека затворањето на границите ќе трае колку што ќе биде потребно.
Оваа најава доаѓа ден откако Стејт департментот испрати предупредување до Американците да не патуваат надвор, а оние што се наоѓаат во други држави да се вратат веднаш, освен ако не планираат да останат таму подолг период.
Трамп рече дека целосно внатрешно изолирање на државата не се зема предвид.
„Мислам дека нема никогаш да имаме таква потреба“, изјави тој.
Претседателот, исто така, најави дека ќе се активира Законот за одбрана, со цел да се обезбедат респиратори, маски и друга клучна опрема за здравствените работници.
Трамп изјави дека имал позитивен разговор со лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер, во врска со следната фаза на обезбедување економска помош за справување со последиците од КОВИД-19.
„Имаме една заедничка цел, а тоа е да се ослободиме брзо од невидливиот непријател“, рече Трамп.
Дополнителни 15.000 луѓе во САД се тестирани позитивни на коронавирусот, а повеќе од 200 починаа како последица на заразата.
Facebook Forum