Федералната агенција за управување со кризи е активирана на највисоко ниво, заедно со претседателот на САД Доналд Трамп, со цел справување со пандемијата на коронавирус.
„ Ќе го примениме федералниот Закон за одбрана ако тоа е потребно“, најави вчера Трамп на прес конференција во Белата куќа.
Овој закон дозволува да се забрза и зголеми снабдувањето со ресурси од индустриската база на државата, во поддршка на државната безбедност.
Во овој случај, тоа ќе значи можност за производство на повеќе маски и друга неопходна опрема.
Претседателот, исто така, најави дека Морнарицата на САД ќе испрати болнички бродови на две локации. Едниот брод ќе биде на пристаништето во Њујорк, а другиот брод на локација која допрва ќе се утврдува.
Секретарот за одбрана на САД Марк Еспер, рече дека Армијата ќе обезбеди пет милиони респиратори и маски за здравствените работници и за другите служби за итна помош.
„Потребни ни се милиони маски, и тие ќе бидат нарачани“, изјави Трамп.
Гувернерите и медицинските работници предупредуваат дека нема доволно опрема и ресурси за справување со вирусот, со кој се очекува да се соочат луѓето во наредните недели и месеци.
Коронавирусот е познат по тоа што делумно е опасен за постари лица и за оние со послаб имунитет, но, Центрите за контрола и превенција на болести во САД, објавија извештај кој открива и значителен број млади луѓе заразени со КОВИД-19.
Повеќе од 7.300 лица во САД се дијагностицирани со коронавирус, а досега се регистрирани повеќе од 115 смртни случаи.
Facebook Forum