Линкови за пристапност

Гутереш: поради пандемијата светот се соочува со „генерациска катастрофа“


На средината на јули е регистрирано дека повеќе од една милијарда деца во најмалку 160 држави не се дел од формалното образование

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш рече дека со тоа што училиштата се принудени да ги затворат своите врати поради пандемијата на коронавирусот, светот се соочува со „генерациска катастрофа“.

Гутереш ова го изјави денеска за време на видео брифингот за започнување на новата кампања на Обединетите нации, наречена „Да ја зачуваме нашата иднина“, чија цел е обновување и зајакнување на формалното образование во пост-пандемискиот свет.

Тој рече дека на средината на јули е регистрирано дека повеќе од една милијарда деца во најмалку 160 држави не се дел од формалното образование.

„Се соочуваме со генерациска катастрофа што може да го поткопа повеќедеценискиот напредок и да ги влоши вкоренетите нееднаквости“.

Гутереш рече дека враќањето на учениците во училниците „мора да биде врвен приоритет“ откако пандемијата на КОВИД-19 ќе биде ставена под контрола.

Тој, исто така, повика на поголеми инвестиции во образованието, со тоа што државите со ниски и средни приходи се соочуваат со годишен јаз во финансирањето во износ од 1,5 трилион американски долари уште пред пандемијата, вклучително и инвестиции во „дигиталната писменост и инфраструктура“.

Според податоците на Џон Хопкинс досега се регистрирани 18,2 милиони инфекции и речиси 700.000 смртни случаи.

Шефот на СЗО ги повика сите држави и поединци „да направат се“ - наведувајќи тестирања, следење на контактите, социјално растојание и носење маски - како некои од неопходните мерки што мора да продолжат да се практикуваат за да се запре ширењето на вирусот.

„Голем број вакцини сега се наоѓаат во трета фаза клинички студии, и сите се надеваме дека ќе имаме ефективни вакцини што можат да помогнат во спречувањето на инфекцијата.

Сепак, во моментот нема ефикасно решение за Ковид и можеби и никогаш нема да има“, рече д-р Тедрос Аданом.

[[embed tweet: https://twitter.com/WHO/status/1290234285363023875?s=20 ]]

Австралија воведе шест неделен карантин во Мелбурн по напливот нанови случаи на коронавирус. Здравствените власти објавија 429 нови инфекции и 13 смртни случаи во понеделникот во државата Викторија, во која спаѓа и Мелбурн.

Во САД, на кои отпаѓаат околу една четвртина од потврдените случаи на коронавирус во светот, на преговорите меѓу Белата куќа и демократите во Конгресот во понеделникот повторно не се постигна договор за нов пакет помош, кој ќе вклучува федерална финансиска помош за милиони луѓе кои останаа невработени поради пандемијата.

Многу Американци ги загубија своите работни места за време на пандемијата. Претходната рунда федерална помош за невработените во износ од 600 долари неделно истече минатата недела.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG