Следејќи ги советите на здравствените експерти и откако ги видоа ефектите од воведувањето на ограничувачки мерки на голем дел од јавниот живот на места како Кина, владите ширум светот воведуваат сè повеќе ограничувања во обид да го спречат ширењето на коронавирусот.
Во Соединетите американски држави, многу училишта се затворени почнувајќи од денес, додека двата најнаселени града во земјата - Лос Анџелес и Њујорк - објавија дека социјалните простори, како што се кината, ќе бидат затворени, а рестораните ќе нудат само услуга за испорака или преземање.
Слични ограничувања воведе Холандија, додека Чешката Република и Австрија апелираа луѓето да останат дома. Нов Зеланд е последната земја што забрани големи собири со 500 или повеќе лица.
Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека баровите и ноќните клубови ќе бидат затворени.
Во меѓувреме, Ватикан објави дека папата велигденските богослужби ќе ги држи без присуство на јавноста.
Целта на ваквите забрани е да се задржат луѓето да не бидат во голема близина едни со други при што можат лесно да заболат и вирусот да го пренесат на други. Покрај миењето раце и самоизолирањето на оние кои се чувствуваат болни, таквото социјално дистанцирање е врвна препорака на светските здравствени експерти.
Кина, која стави многу градови во карантин откако вирусот брзо се прошири таму во јануари, денеска објави нови 16 случаи.
Најлоши показатели има Италија, каде се пријавени 3.590 нови заболени и 368 смртни случаи.
Facebook Forum