Линкови за пристапност

Државите уриваат дневни рекорди по број на заразени и починати од Ковид


Италија ја надмина Велика Британија како европска земја со најмногу смртни случаи од КОВИД-19

Дневните рекорди за случаи на КОВИД-19 и смртни случаи во многу делови на светот продолжуваат да бидат уривани, принудувајќи ги владите да воведат ограничувања или да расправаат за нови мерки на затварање за да се запре ширењето на коронавирусот.

Во Европа, Германија оди кон второ затворање што започнува во среда. Владата ги повикува граѓаните да избегнуваат божиќен шопинг во двата дена пред да се затворат повеќето продавници и да се заострат мерките за социјално дистанцирање.

Според Центарот за следење на коронавирусот на Универзитетот Џонс Хопкинс, заклучно со понеделникот наутро, Германија има забележано над 1.350.800 потврдени случаи и повеќе од 22.080 смртни случаи.

Според податоците собрани од овој центар, Италија ја надмина Велика Британија како европска земја со најмногу смртни случаи од КОВИД-19. Во понеделникот наутро Италија имаше 64.520 смртни случаи, додека Велика Британија 64.267.

Премиерот Микеал Мартин од Ирска во понеделникот рече дека некои ограничувања може да бидат повторно воведени во јануари, откако највисоките здравствени власти соопштија дека случаите на инфекција може повторно да се зголемат по отворањето на многу сектори во економијата последните две недели.

Во Азија, јужнокорејските здравствени власти соопштија дека 150 центри за тестирање ќе бидат отворени во главниот град, како дополнение на повеќе од 210 сегашни места за тестирање за коронавирус.


Корејската агенција за контрола и превенција на болести соопшти дека земјата регистрирала нови 718 случаи во понеделникот, но дополнителните случаи забележале пад во однос на неделата кога биле пријавени над 1.000. Јужна Кореја забележува релативно ниски вкупни инфекции (43.480) и смртни случаи (587), заклучно со понеделникот.

Во Сингапур, премиерот Ли Ксиен Лунг во понеделникот рече дека е одобрена употреба на вакцината на Фајзер за коронавирус со првите вакцини што ќе бидат доставени до крајот на овој месец.

Премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн, во понеделникот објави дека нејзината држава ќе дозволи патувања без карантин од Австралија во првиот квартал на следната година. Австралија веќе им дозволува на жителите на Нов Зеланд да не бидат подложени на двонеделен карантин што е задолжителен за патниците од други земји.


Во САД минатата недела, Калифорнија забележа повеќе од 25.000 нови инфекции за еден ден. „Многу животи ќе бидат изгубени ако не сториме повеќе одошто правиме“, рече гувернерот Гавин Њусом.

Повеќе од 16 милиони луѓе во САД се заразиле со оваа болест, и речиси 300.000 починале.

Низ САД, првите дози на вакцина против коронавирус пристигнуваат во регионалните центри во понеделникот, откако Агенцијата за храна и лекови на САД ја одобри вакцината направена од американскиот производител на лекови Фајзер и германскиот БиоНТек, за итна употреба.

Мексико, исто така, одобри итна употреба на вакцината на Фајзер, доцна во петокот, со што бројот на земји што ја користат или планираат да ја користат порасна на шест.

Велика Британија, Бахреин, Канада и Саудиска Арабија исто така ја одобрија вакцината.


Бразил се приближува до 7 милиони случаи со Ковид-19 и забележа повеќе од 181.000 смртни случаи.

Минатата недела, бразилскиот министер за здравство вети дека ќе го вакцинира целото население во државата во текот на следната година.

XS
SM
MD
LG