Ковид вакцината на „Модерна“ може да се поврзе со повисок ризик од воспаление на срцевиот мускул кај младите отколку што првично се сметаше, пишува „Вашингтон пост“.
Весникот цитира анонимни извори кои немаат овластување да зборуваат за истрагата што ја спроведуваат Администрацијата за храна и лекови и Центрите за контрола и превенција на болести во САД.
САД користат податоци од Канада, пишува весникот, кои укажуваат дека млади луѓе, особено мажи под 30 години или помалку, а кои биле вакцинирани со „Модерна“, имале поголем ризик од воспапление на срцевиот мускул за разлика од оние што се вакцинирале со „Фајзер“.
„Вашингтон пост“ пишува дека здравствените официјални лица ги анализирале и податоците од САД за да се обидат да утврдат дали има доказ за зголемен ризик меѓу американските граѓани.
Во јуни, федералните официјални лица утврдија можна поврзаност на вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ со воспаление на срцевиот мускул кај младите, напиша весникот.
Во извештајот се вели дека можните несакани последици од вакцината на „Модерна“ се „екстремно ретки“ и се` уште „многу невообичаени“.
Универзитетот Џонс Хопкинс заклучно со денес регистрираше над 210 милиони заразени со ковид на глобално ниво, како и 4,4 милиони смртни случаи. Оттаму велат дека досега биле администрирани 4,8 милијарди вакцини.
Дел од информациите се искористени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес
Facebook Forum