Центрите за контрола и превенција на болести на САД објавија нов мораториум за иселување што ќе трае до трети октомври, објави Асошиетед прес.
Новиот мораториум би можел да помогне милиони лица да останат во нивните домови во време кога делта варијантата на коронавирус се шири, а сојузните држави се бавни во обезбедување федерална помош за лицата кои живеат под кирија.
Мораториумот привремено ќе го спречи иселувањето на граѓаните во делови со значително и високо ниво на ширење на вирусот, и би опфатил 90 проценти од населените места во САД.
Претседателот Џо Бајден вчера најави нова забрана за иселување, префрлајќи ја одговорноста на Центрите за контрола и превенција на болести во САД.
„Мојата надеж е дека ќе има нов мораториум“, рече Бајден на прес-конференција во Белата куќа, додавајќи:
„Ги прашав Центрите за контрола и превенција на болести да разгледаат други опции што би можеле да им бидат достапни“.
Тој, исто така, рече дека се достапни федерални пари, околу 47 милијарди долари кои претходно биле одобрени за потребите за справување со коронакризата, за помош на кираџиите и сопствениците на станови.
Белата куќа вели дека сојузните и локалните влади се бавни во распределба на федералните пари, и ги повика тоа да го прават побрзо.
Facebook Forum