Линкови за пристапност

Вакцината на „Новавакс“ ефективна над 90 отсто, соопшти компанијата


Првите дози од оваа вакцина ќе одат во државите со ниски и средни примања, како што интересот за вакцинирање во САД се намалува

Американската компанија „Новавакс“ најави дека тестирањата на нејзината вакцина против ковид-19, кои се во трета фаза, покажале над 90 отсто ефективност на вакцината во спречување на болеста, како и добра заштита против мутациите на вирусот.

Компанијата соопшти дека испитувањата вклучувале 29.960 учесници од 119 градови во САД и Мексико, со акцент на лица од заедници и демографски групи најпогодени од болеста.

Иако побарувачката на вакцини против ковид-19 во САД се намали драматично, потребата од повеќе вакцини низ светот останува клучна, како што многу држави во развој само што почнале или допрва ќе почнат со имунизација на населението.

Компанијата соопшти дека првите дози ќе одат во државите со ниски и средни примања.

Советникот на Белата куќа доктор Ентони Фаучи, за Вашингтон пост, изјави дека вакцината е многу импресивна, и оти е еднаква со најефективните вакцини произведени за време на пандемијата.

Откако ќе добие одобрување, „Новавакс“ рече дека ќе произведува 100 милиони дози месечно до крајот на третиот квартал, и 150 милиони дози месечно до крајот на четвртиот квартал од 2021 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG