Линкови за пристапност

Досега се вакцинирале речиси 250.000 граѓани, Филипче очекува наредните два месеца да биде мирно


Кон средината на јуни ќе се ревакцинираат македонските граѓани кои првата доза ја примија во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Проценките на надлежните се дека состојбата со коронавирусот е стабилна и дека наредниот период не се очекува влошување на ситуацијата

Процесот на имунизација непречено се одвива, уверуваат медицинските власти и најавуваат дека овој месец во земјава ќе пристигнат нови големи количини на вакцини.

Секој понеделник се очекуваат по околу 10.000 дози од „Фајзер“. Дополнителни 100.000 фајзерови вакцини ќе пристигнат преку Ковакс механизмот, а во наредните 7 дена, како што информирале од Кинеската амбасада, треба да се очекуваат половина милион дози на „Синовак“.

Само нема информација што се случува со руските „Спутник“ вакцини, иако беше најавувана поголема количина, таа се` уште не е испорачана.

Кон средината на јуни следи и ревакцинацијата на илјадници македонски граѓани, кои првата доза ја примија во Србија.

„Утрово разговарав со министерот Лончар да видиме дали може да се организира некој пункт поблиску до нашата земја, за вакцинирање со втора доза на очекуваниот голем број македонски граѓани меѓу 17 и 20 јуни. Тој зеде обврска тоа да го договориме во наредните денови. Веројатно ќе биде во некој од постојните пунктови, тоа да бидат центрите во Врање или Ниш“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Најавени се и 50.000 вакцини од Бугарија и 20.000 од Грција. Досега вакцинирани се речиси 250.000 граѓани, а околу 440.000 се заинтересирани за вакцинација, покажува официјалната статистика.

Проценките на надлежните се дека состојбата со коронавирусот е стабилна и дека наредниот период не се очекува влошување на ситуацијата.

Сепак, повикуваат на претпазливост поради непредвидливоста на вирусот.

„Никој во светот, во ниедна земја, не може да даде точно предвидување. Може да се случи да има некаква мутација на вирусот, да биде поконтагиозна од сите соеви, и тоа да ја смени епидемиолошката слика. Во некои земји тоа се случува. Вакцинацијата помага да нема тешки форми на болеста или смртни случаи. Имајќи го тоа на ум и гледајќи како се одвива ситуацијата во нашиот регион и другите земји, нашата проценка е дека следниот период од два месеца ќе имаме мирна епидемиолошката ситуација“, рече Филипче.

Останува мерката за носење маска во затворени простории и при групирања, како и користењето само на отворените делови на рестораните и баровите. За натамошни олеснувања на мерките ќе се разговара по 15 јуни.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG