Линкови за пристапност

Заминувањето на Меркел ќе биде најголем ризик за Европа во 2021, забележува најнов извештај


Економското заздравување на државите ќе биде главно годинава, и по имунизацијата на граѓаните и избледување на здравствената криза, објави „Јуроејжа груп“

Главен приоритет за државите годинава ќе биде справување со економските последици од ковид-19, за разлика од 2020-та, кога приоритет беше здравствениот одговор, забележува најновиот извештај на „Јуроејжа груп“.

Извештајот се фокусира на евроазиските држави, кои, вели тој, ќе работат на економското заздравување и по имунизацијата на граѓаните и избледување на здравствената криза.

„Како што излегуваат на површина економските проблеми, нема глобално лидерство во однос на политичките модели, трговските стандради и меѓународните правила“, стои во извештајот.

Во него се нагласува дека САД, кои историски се лидери за обнова во време на криза, сега се соочуваат со големи проблеми, од невработеност до економски можности, сомнежи за политичката ефикасност на избраниот претседател Џо Бајден, како и прашања за иднината на Републиканската партија.

„Кредибилноста на американската надворешна политика и одржливоста на домашната политика, годинава, ќе бидат ставени на тест како никогаш досега“, нотира извештајот.

Оттука, се вели во него, кога најголемата сила во светот е толку поделена, сите други имаат проблем.

Како најголем ризик за државите се наметнува ефикасноста на претседателството на Џо Бајден, имајќи предвид дека половина од државата гласаше против него.

Втор голем ризик е пандемијата и последиците од неа, кои нема да исчезнат веднаш по почетокот на вакцинирањето, нагласува извештајот.

Меѓу другите ризици се забележуваат климатските предизвици и енергетската транзиција, која, според извештајот ќе биде доминирана од конкуренција и недостиг на координација, како и тензичните односи САД-Кина, кои се очекува да се интензивираат поради технолошката конкуренција.

Како ризик се истакнува и политиката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, која може во голема мера да ѝ наштети на економијата, како и цените на енергетскиот пазар на Блискиот Исток, кои ќе останат ниски, што,пак, ќе претставува притисок за владите кои веќе се соочуваат со нестабилност.

Извештајот го истакнува и заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, како голем фактор за иднината на европските држави.

„Меркел е најважниот европски лидер, и нејзиното заминување подоцна во 2021 година, по 15 години на функцијата канцелар, претставува најголем ризик за европскиот континент“, стои во извештајот.

Голем предизвик за 2021 ќе биде и коронакризата на Блискиот Исток, како и во Латинска Америка, која е втор најголем регион најмногу погоден од пандемијата.

„Администрацијата на Бајден ќе сака да соработува со лидерите, пријатели на Трамп, за прашања од заеднички интерес“, заклучува извештајот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG