Кинескиот град Вухан, каде се појави коронавирусот, денес објави дека првпат нема нови случаи на заразени заклучно со вчера.
Вухан речиси два месеца помина во карантин, во обид на властите да го спречат ширењето на вирусот, и во изминативе недели бројот на нови заразени во градот се намали.
Во останатите делови на Кина, здравствените власти денес објавија вкупно 34 случаи на коронавирус, меѓу кои има луѓе кои дошле од надвор.
Тамошните власти се загрижени оти ваквите ситуации се закана за суштинскиот напредок на државата во справување со пандемијата.
Од појавата на вирусот досега, во Кина има околу 81.000 заразени и 3.200 смртни случаи.
Јужна Кореја денес регистрираше 152 нови случаи, што е повеќе во споредба со изминативе денови, кога имаше помалку од 100 нови случаи дневно, четири дена по ред.
Германија денес објави 2.800 случаи за еден ден, со вкупен број на заразени во државата од 11.000.
Во Италија, пак, вчера имаше 475 смртни случаи, а државата е под целосен карантин веќе една недела.
Панама досега има 109 случаи на коронавирус, Нов Зеланд од денес забранува влез на странски државјани, Мексико денес потврди 118 случаи, додека Русија го регистрираше првиот смртен случај како последица на вирусот.
Никарагва и Ел Салвадор вчера ги потврдија нивните први случаи на коронавирус.
Светската здравствена организација (СЗО), објави дека вирусот е раширен во 166 држави, со повеќе од 208.000 заразени и 8.600 смртни случаи.
Facebook Forum