Линкови за пристапност

Францускиот претседател позитивен за Ковид-19


Американската админиострација за храна и лекови се очекува да ја одобри вакцината на Модерна, така што дистрибуцијата би можела да почне следната недела

Француската влада соопшти дека претседателот Емануел Макрон покажал позитивен резултат на тестот за коронавирус.

„Претседателот денес беше позитивен на Ковид-19“, се вели во четвртокот во изјавата од неговата канцеларија, во која се додава дека Макрон бил тестиран по „појавата на првите симптоми“.

Владата соопшти дека Макрон ќе се самоизолира седум дена, во согласност со националните прописи, и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите активности од далечина.

Францускиот претседател е дополнение на списокот на шефови на држави и влади од светот кои биле заразени со Ковид-19, меѓу кои се и британскиот пркемиер Борис Џонсон и американскиот претседател Доналд Трамп.

Светската здравствена организација објави во средата дека испраќа тим истражувачи во Кина во првата недела од јануари да го испитаат потеклото на новиот коронавирус што доведе до глобална пандемија, која досега уби повеќе од 1,6 милиони луѓе од вкупно 74,2 милиони случаи.

Десетчлениот тим ќе испита медицински податоци и ќе тестира примероци за да утврди како вирусот што предизвикува Ковид-19 преминал од животни на луѓе и од каде потекнува. Повеќето истражувачи веруваат дека вирусот, кој првпат беше откриен кон крајот на 2019 година во централниот град Вухан, потекнува од лилјаци.

Претседателот Трамп ја обвини кинеската влада дека прикрива информации за пандемијата.

Во меѓувреме, формалниот процес на одобрување на втората вакцина Ковид-19 во САД започнува во четврток.

Советодавниот комитет за вакцини на Администрацијата за храна и лекови ќе ги разгледа податоците за вакцината развиена заеднички од производителот на лекови со седиште во Масачусетс, Модерна, и Националниот здравствен институт (НИХ). Регулаторите на Агенцијата за храна и лекови (ФДА) на почетокот на оваа недела ги потврдија тврдењата на Модерна за безбедноста и ефективноста на вакцината.

Доколку советодавниот панел ја одобри вакцината на Модерна, ФДА би можела да даде одобрение за итна употреба уште во петок, што значи дека близу шест милиони дози може да се дистрибуираат низ САД од следната недела. Вакцината Модерна-НИХ ќе додаде 2,9 милиони дози од вакцината Фајзер-БиоНТек испорачани оваа недела, со што започнаа напорите за вакцинирање во САД, почнувајќи со здравствените работници од прва линија и жителите на старечките домови.

Белата куќа во средата објави дека потпретседателот Мајк Пенс ќе биде вакциниран во петок. Новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе биде вакциниран следната недела, соопшти транзициониот тим. 78-годишниот Бајден е во ризична категорија заради неговата возраст.

ФДА во средата соопшти дека фармацевтите можат да извлечат дополнителни дози на вакцината Фајзер доколку има вишок во ампулите. Пакувањата требало да содржат доволно вакцина за пет дози, но фармацевтите откриле дека има доволно за дополнителна шеста или дури седма доза. Портпаролот издаде соопштение дека ФДА работи со Фајзер за да го одреди „најдобриот пат напред“.

Најмалку еден здравствен работник во Алјаска имал алергиска реакција само неколку минути по вакцинирањето со вакцината Фајзер во вторникот, што е прв ваков случај на несакана реакција во САД. Њујорк Тајмс известува дека и втор здравствен работник во истата болница во Алјаска претрпел алергиска реакција неколку минути по вакцинирањето. Двајца здравствени работници во Велика Британија, исто така, претрпеле алергиски реакции по приемот на вакцината Фајзер-БиоНТек.

Вакцините вообичаено произведуваат различни несакани ефекти, како што се треска, замор, главоболка или болка на местото на инјектирање, но официјалните лица велат дека ваквите ефекти се чести и исчезнуваат за еден или два дена. Извештајот за вакцината Модерна-НИХ доставен до ФДА откри дека четворица доброволци во клиничкото испитување во доцната фаза развиле „Парализа на Бел“, состојба која вклучува привремена парализа или слабост на мускулите на лицето. Тројца од тие учесници ја примиле вакцината во две дози, додека на другиот учесник му било дадено плацебо.

Интер-американската банка за развој (ИДБ) во средата вети една милијарда американски долари за да им помогне на земјите од Централна Америка и Карибите да се борат против пандемијата на коронавирусите.

ИДБ ќе ги намени парите на набавка на вакцини, зајакнување на националните институции кои ги дистрибуираат вакциниите и за градење на капацитети за имунизација.

Ветените фондови се дополнување на 1,2 милијарди долари што банката веќе ги стави во функција во регионот за тестирање и лекување.

Соопштението од средата доаѓа во време на нов бран случаи на заразени и умрени од Ковид-19 во Јужна Америка. Според новинската агенција Ројтерс, околу 33% од смртните случаи во светот Ковид-19 се регистрирани во Јужна Америка, иако регионот претставува само 9% од глобалното население.

XS
SM
MD
LG