Линкови за пристапност

Првите дози на вакцината на „Фајзер“ би можеле да стигнат до крајот на јануари, рече Филипче


Филипче: Се намалува бројот пациенти на кои им е потребна хоспитализација
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Според министерот за здравство, моменталната ситуација со пандемијата е стабилна, со тренд на намалување на новозаразени, како и мал број на хоспитализирани

Не се исклучува можноста првите вакцини против ковид-19 земјава да ги добие многу побрзо од првично планираното. Министерството за здравство вчера било писмено информирано дека одреден број дози преку Ковакс-механизмот е можно да стигнат на крајот на јануари или на почетокот на февруари.

Според надлежните, освен информацијата дека може да се очекуваат вакцини во тој период, други детали, како на пример бројката на дози не се знаат.

„Аплициравме да бидеме во првата група земји коишто би ги примиле вакцините, согласно спремноста на нашиот систем во однос на чувањето на температура на -70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку центрите за здравје, односно здравствените домови. Крајниот рок за апликација е 18 јануари, тогаш сите земји, кои според евалуацијата на СЗО се спремни, може да аплицираат, и после останува да видиме кога точно би пристигнала пратката. Според нивното писмо станува збор за вакцината на Фајзер, а следна вакцина која доаѓа предвид е онаа на Астразененка“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Планот на здравствените власти е Северна Македонија, преку трите опции – Ковакс-механизмот, директни договори со производителите и помош од земјите-членки на Унијата, да обезбеди околу 2,4 милиони дози, што се доволни за вакцинирање и ревакцинирање на 1,2 милиони граѓани.

Тоа изнесува 60 отсто од населението, и според Филипче, тоа е доволно за постигнување колективен имунитет. Министерот е задоволен од актуелната здравствена ситуацијата. Ја оценува за стабилна со тренд на намалување на новозаразени и мал број на хоспитализирани.

„Значајно се намалува бројот овие изминати денови на пациенти на кои им е потребна хоспитализација, а и понатаму е оној тренд на одржување на оној исклучително мал број хоспитализирани пациенти во сите болници, не само во Скопје, туку и ширум државата. Верувам дека ќе остане вака, верувам дека прекршувањата на мерките навистина не беа чести и не беа многу, гледавме по телевизиите, и мислам дека сме во еден период на стабилна епидемиолошка слика“, додаде Филипче.

Очекува дека во наредниот период ваквата ситуација ќе се задржи. Уверува дека има доволен број болнички кревети и доволен број медицински персонал за третман на пациенти.

Иако состојбата е позитивна, до 21 јануари ќе останат на сила рестриктивните мерки во однос на работата на угостителските објекти до 18 часот.

Што ќе следи потоа, и дали ќе има зголемување на работното време, ќе зависи од ситуацијата на терен.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG