Глас на Америка: Како ја оценувате актуелната состојба на пандемијата на коронавирус во државата?
Караџоски: Веќе шеста недела имаме регистрирани случаи на коронавирус во нашата држава. Состојбата се влошува од ден на ден. Но, очекуваме изолацијата и социјалното дистанцирање меѓу луѓето, како и забраната за движење, да ги дадат посакуваните резултати. Комисијата и јас лично како претседател и специјалист епидемиолог, со триесет години искуство, сметаме дека следните две до три недели се круцијални за нашата држава, затоа што бројот на заболените случаи, очекуваме во овој период драстично да се зголеми. И она што очекуваме е на крајот од месецот да го достигнеме врвот. Само на тој начин сметаме дека можеме да се справиме со актуелната состојба, односно социјалната дистанца. Седи дома или остани дома, е мотото кое го препорачуваме за населението во следните три недели.
Глас на Америка: Дали можеби се размислува за 24 - часовен полициски час?
Караџоски: За полициски час од 24 часа, засега не е размислувано. Меѓутоа, доколку сето ова даде резултат, немаме намера да да правиме промени, со напомена дека се разгледуваат сите опции. Очекуваме бројот на заболените да дојде до над 2.000 во државата.Сепак, спремни сме да реагираме со обезбедување кревети, капацитети и тестирања, како и со се` она што се вика превентивна активност со цел да го намалиме бројот. Ова е најважната превентивна активност. Другото се вика тестирање, хоспитализација и лекување на сите пациенти. Знаеме дека бројот се зголемува од ден на ден, но, не очекуваме тоа да отиде до недоглед.
Глас на Америка: Кои се најкритичните региони во државата? Се размислува ли за некои дополнителни мерки?
Караџоски: Скопје, иако има две третини жители од државатa, внатре во моментот, не можеме да кажеме дека е проблематично. Прво беше Дебар, затоа што Дебар имаше огромен број на заболени.Таму направивме организација на работата со полициски кордон. Каде што очекуваме да се зголеми бројот се Прилеп и Штип, и во моментот Куманово, кое достигна алармантни бројки, како и Струга и Лабуништа, каде имаме доволен број на случаи, за да поразговараме со локалната самоуправа. За ниту еден регион посебно не се прави изолација. Сакаме целата држава да ја доведеме во ред, а не само регион по регион. Затоа што не се добива ништо, ако сега правиме рестрикција овде, па правиме рестрикција на друго место. Сакаме во целата држава да ги добиеме позитивните резултати.
Глас на Америка: Како што засега стојат работите, тешко дека учебната година ќе продолжи до јуни?
Караџоски: Лично мислам дека учебната година е веќе завршена работа во оној облик кој го познаваме. Тоа им го кажав и на седница на Влада.
Глас на Америка: Тоа значи дека онлајн учењето ќе биде конечната варијанта?
Караџоски: Тоа ќе треба да го прашате министерот за образование и наука. Јас не можам за тоа да ви одговорам.
Facebook Forum