Линкови за пристапност

170 деца во Македонија, на возраст до девет години, досега се заразиле со Ковид - 19


Децата се помалку изложени на Ковид - 19, но, се можни преносители, велат педијатрите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

Педијатрите предупредуваат дека ситуацијата треба да се сфати сериозно, а образовниот систем добро да се организира пред почетокот на следната учебна година

Повеќе од три месеци од почетокот на пандемијата во Македонија, едно дете на десетмесечна возраст почина, а според Институтот за јавно здравје, регистрирани се 170 деца на возраст до девет години заразени со Ковид-19, и 172 случаи кај лица од 10 до 19 - годишна возраст.

Педијатрите сметаат дека најмладата популација е имунолошки поотпорна на овој вирус, и оти за сите кои работат со деца ова е нова ситуација.

Пред пандемијата, лекарот Никола Филев дневно прегледувал по 90 деца, а сега само едно до две деца на ден.

„Се смета дека се поотпорни на овој вирус, но, оти се можни преносители. Причината ја гледам во тоа што се изгубија контактите во градинките и во школскиот систем, каде што болните деца ги заразуваа здравите. Како ова ќе се рефлектира на имунолошкиот систем кај децата не можам да кажам“, вели Филев.

Ружица Анѓелеска, педијатар и лекар по семејна медицина, вели дека фаталните последици кај децата се 0,2 проценти, додека кај возрасните над 85 години 15 отсто.

„Зошто е тоа така, затоа што најчесто возрасната популација има и други заболувања и намален имунитет. Децата се најнезасегната популација, затоа што тие претежно се здрави, освен оние што имаат некои болести, како астма“, вели таа.

Додава дека кај најголем дел од децата, симптомите се со лесна клиничка слика или воопшто ги нема.

„Затоа се и ризик за пренос на коронавирусот, бидејќи многу често се без симптоми. Многу е слично на настинка. Слично е на грипот и многу тешко може да се одреди за што станува збор“, рече Анѓелеска.

Филев вели дека ситуацијата треба да се сфати сериозно, а образовниот систем добро да се организира пред почетокот на следната учебна година, за да не дојде до зголемен број на вирусни заболувања меѓу децата, кои биле карактеристични и во минатото поради социјалното дистанцирање и намалениот одбранбен механизам.

„Да нема пропусти како што имаше порано. Болно дете не смее во никој случај да влезе меѓу здрави деца. Ќе мора школите да направат посебен систем, како што имаше порано. Мора да има доктор и сестра кои ќе ги контролираат, бидејќи според мене ќе настане експлозија на болни“, смета Филев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG