Повеќе од 500 новинари беа дел од акцијата за бесплатен скрининг на медиумските работници за ковид-19.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), вели дека резултатите покажале оти околу пет отсто од нив биле или се изложени на коронавирусот, што не е за занемарување.
Тестирањата биле направени преку примероци од крв.
„Можеби бројката не е алармантна, но, никако не е за занемарување. Апелиравме и апелираме да се преземат сите можни чекори за да се спречи натамошното ширење. Тоа би значело почитување на протоколите за работа, односно носење маски, практикување дистанца и постојано миење на раце“, рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Медимските работници се најизложени на вирусот, бидејќи имаат контакт со многу луѓе поради природата на работата.
Чадиковски вели дека идејата била да се види со какви потенцијали располагаат медиумите.
Тестирани биле и медиумските работници од внатрешноста на државата.
„Веќе се појавија првите случаи на коронавирус меѓу новинарите во повеќе редакции, и сметавме дека е добро време да видиме дали тоа се проширило, и ако се проширило да најдеме начин да се спречи ширење во редакциите. Во првиот период беа тестирани поголемите редакции, односно поголемите национални телевизиски куќи“, рече Чадиковски.
Дел од новинарите и други вработени во медиумите директно ја почувствуваа опасноста од коронавирусот. Меѓу нив е и новинарот Сунаи Сабриоски. Тој две недели бил во домашна самоизолација, поради контакт со заразен колега.
„Морам да нагласам дека тоа беше еден период на психолошко растројство кај мене, но, и кај многу мои блиски. Тестирањата покажаа негативен резултат, меѓутоа чекањето на резултатите беше тешко“, вели Сабриоски.
Тој нагласи дека ризикот останува, и оти мора да се внимава при извршување на работата.
„Ниту една медиумска куќа и ниту едно раководство не може ништо да направи освен да ги обезбеди потребните заштитни мерки. Треба да сме свесни за ризикот кој ние како новинари го имаме, бидејќи сме во постојана комуникација со многу луѓе“, додаде тој.
ЗНМ изработило и прирачник за работа на новинарите за време на пандемија, во кој детално се објаснуваат сите елементи од работата во вакви услови, како и начинот на кој да се заштитат новинарите.
Facebook Forum